Учениците во основните и средните училишта денеска го завршуваат првото полугодие од учебната 2021/2022 година и од утре, 31 декември, се на тринеделен зимски распуст. Според календарот на МОН за организација на наставата, во училишните клупи ќе се вратат на 20 јануари 2022.

Поместување на зимскиот распуст односно одложување на почетокот на второто полугодие засега не се планира зашто, според надлежните, состојбата со КОВИД-19 и натаму е стабилна иако сојот омикрон е потврден и во земјава, а според експертите тој побргу се шири.

По препорака на Комисијата за заразни болести и со одлука на Владата, учебната 2021/2022 на 1 септември почна со отворени училишта и настава со физичко присуство за сите ученици организирана според утврдени антиковид-протоколи. Исклучок се учениците ослободени со медицински потврди.

Во повеќе наврати ресорната министерка Мила Царовска информираше дека состојбата во училиштата е стабилна и дека според податоците кои МОН ги собира на дневно ниво од сите училишта, процентот на нови позитивни случаи не се зголемувал повеќе од 0,03, а активни случаи со ковид-19 кај учениците со физичко присуство во првото полугодие не надминал 0,3 проценти.