Поаѓајќи од добро познатата народна поговорка која вели дека на луѓето треба да им се помогне тогаш кога им е најтешко, така и Здружението на граѓани „Сите заедно можеме“ од Струмица го прифатија повикот од Локалниниот клуб на СДММ од нивниот град за помош и поддршка во справувањето со пожарите кои го зафатија малешевскиот регион.

За таа цел десет волонтери од нивното здружение вечерва заминуваат во подрачјето на селото Будинарци, за да бидат на располагање на одговорните лица кои се задолжени за справување со огнената стихија која се случува во атарот на ова населено место.

„Подготвени сме на такви чекори и во наредните денови, доколку за тоа има потреба, но ги повикуваме и сите останати добри луѓе да ни се придружат, прифаќајќи го апелот на ЛК на СДММ. На тој начин ќе ја потврдиме вистинитоста која се содржи во името на нашето здружение“, стои во соопштението на Здружението на граѓани „Сите заедно можеме“.