За над 2000 земјоделски стопанства од пелагонискиот регион ќе започне проект со кој ќе се реши децениски проблем.
Станува збор за парцели кои што земјоделците ги имаат во средината на блоковите помеѓу државното земјиште кое што е под закуп на комбинатот ЗК Пелагонија. Земјоделците се сопствeници или сосопственици со државно земјиште и досега неможат согласно законот, ниту да направат физичка делба на својот дел. Практично парцелите им се заробени.
Од април ќе стартува проектот кој ќе овозможи разрешување на статусот на сопственост на 2000 сопственици во 52 населени места во Пелагонискиот регион.
-Имаме околу 1300 хектари внатре во самиот блок каде што имаме сосопственички односи на приватните сопственици и на државното земјиште. Новото земјиште ќе им биде запишано со право на сопственост во катастар, сите ќе добијат нов имотен лист, истакна министерот Љупчо Николовски.
Земјоделците среќни и со многу позитивен став за овој проект. Велат дека е проект кој ќе им го промени нивниот живот и статус. Од најмала површина се до над 100 хектари, земјоделците не се во можност ниту да аплицираат за финансиска поддршка за тие парцели бидејќи не се во можност да ги обработуваат.
-Долги години никој немаше слух за нас, за овој проблем. Во изминатите години ни се дадоа документи со времена замена за да работиме парцели, но и тие не сме во можност да ги пријавиме за субвенции бидејќи не се наши, иако ги работиме. Тие парцели со новиот проект ќе биде убаво ако си ги задржиме со чист имотен лист – вели Златко Ристевски, земјоделец од битолското село Егри.
Министерот Николовски објасни дека за овој проект побараа помош од меѓународни партнери.
-Ние се обративме до меѓународни поддржувачи партнери со кои што ги спроведуваме проектите, впрочем и досегашниот проект за консолидација е со поддршка на Европската Унија и на Food and Agriculture Organization of the United Nations (FAO), а пелагонискиот регион буквално е сведок на првите успешни консолидациски постапки кои што сме ги направиле, Егри, па Дабјани, Трн, Логоварди, Оптичари, рече Николовски.
Проблемот ќе се реши со консолидација со размена и повеќе алатки на управување на земјоделското земјиште. Во согласност со сите сопственици, наместо земјиштето кое им е вратено со денационализација, ќе им се додели во сопственост ново земјиште со иста вредност и квалитет, со правилна форма, со обезбеден пристап за обработка и кое ќе биде извадено надвор од средишните блокови на ЗК Пелагонија.
Новото земјиште ќе им биде запишано со право на сопственост во катастар, сите ќе добијат нов имотен лист.
Со ова придобивките на земјоделците и нивните семејства се многубројни. А исто така и за државата, и за македонското земјоделство. Ќе се добијат функционални 1300 хектари обработливо земјоделско земјиште, што значи зголемено производство и нов придонес на домашната економија.