На прашањето дали претседателот на државата, Стево Пендаровски, со втората одлука за прогласување нова вонредна состојба во времетраење од 30 дена е во рамките на своите надлежности, поранешниот пратеник и министер, Насер Зибери, во вечерашното издание на дебатната емисија “Вин-вин” на Телма телевизија, со следното толкување:
“Апсолутно, тоа не смее да се доведе во прашање. Не случајно уставотворецот го ограничил периодот на траење на вонредната или воената состојба. Ама тоа подразбира отстранување на причините за прогласување на вонредната или воената состојба. Во тој случај, таа состојба не смее да трае повеќе од 30 дена. И затоа уставотворецот поставил уставна граница, тоа да не може да се злоупотребува. Во конкретниот случај ситуацијата е обратна. Значи, не престанале причините поради кои е прогласена вонредната состојба, туку напротив тие причини продолжуваат да постојат и понатака и сосема е логично претседателот да донесе нова одлука за продолжување на вонредната состојба. Од таа гледна точка, претседателот е во рамките на уставните одредби и не излегува надвор од тоа. Замислете ситуација претседателот да не донесеше нова одлука, немате Собрание и како ќе функционираше понатака системот, односно како Владата понатака ќе преземаше мерки. Како ќе се носеа уредбите со законска сила, а следствено на уредбите како ќе ги применуваше мерките. Втора работа е дека не постои дилема дека во македонското општество постојат услови за прогласување на вонредна состојба, па никој не го доведе во прашање актот на претседателот за прогласување вонредна состојба. Напротив, сите чинители, пред сè политичките чинители, имаат консензус околу ставот дека земјата се наоѓа во вонредна состојба. А тоа следствено е потврдено и од меѓународните структури како што е СЗО. И тоа прашање никој во земјата не го доведува во прашање, а иницијаторите кои би го довеле во прашање актот на претседателот треба да бидат свесни дека тоа би било контрапродуктивно по нив. Во спротивно, претседателот дури би бил одговорен доколку како резултат на неговото апстинирање за прогласување вонредна состојба по вторпат настане хаос и катастрофа во земјата, а тој по Уставот, во отсуство на Собранието е надлежен да прогласи вонредна состојба” – заклучи Зибери.