ЕСМ ги префрли парите кон МЕПСО за фактурата од европскиот пазар, па кај и да е и оваа уплата ќе биде извршена. МЕПСО е дел од таа електроенергетска мрежа каде што се балансира и работите мора да бидат балансирани. Има ситуации кога МЕПСО давал струја и наплатувал, а сега во конкретниов случај имал потреба да зема. Тоа не е крадење струја како што вели опозицијата, тоа е автоматски процес ако имате недостаток, па и без да сакате струја ќе биде повлечена, вели за Утрински брифинг Љупчо Зиков.

За луѓето кои што работат на клучни позиции во стратешки области нема сомнеж во нивната стручност.

-Ако го гледаме буџетскиот дефицит од 500 милиони евра, се вели дека овие средства ќе бидат развојни и за капитални инвестиции, претпоставувам дел од нив ќе бидат наменети и за стабилизација на енергетскиот сектор, вели Зиков.

Во моментот кризата не е индуцирана од внатре туку е од надвор, и доаѓа поради високата цена на гасот кој е главен енергенс во голем број електроцентрали во Европа, и диктира високи цени.

-Не може да се предвидува каков би бил енергетскиот шок што ќе настане. Овој шок е предизвикан од чиста геополитика и овие шокови не може да се предвидат. Заклучоците се дека Македонија мора да инвестира во сопствени капацитети, вели за УБ, новинарот и сопственик на Капитал, Љупчо Зиков.