СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал до Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против Зоран Поповски (39) од Скопје, поради основано сомнение дека сторил кривично дело ,,Злоупотреба на службена положба и овластување“, предвидено и казниво по член 353 од КЗ на РСМ.

Пријавениот, во временскиот период од декември 2016 година до мај 2017 година, додека ја извршувал функцијата директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, искористувајќи ја својата службена положба со пречекорување на своите службени овластувања постапил спротивно на член 53 од договорот склучен помеѓу Европската агенција за безбедност и храна и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Имено, во член 53 било децидно пропишано дека лицето кое ќе биде назначено како помошник координатор на EFSA не може да прима дополнителен надоместок од Агенцијата, ниту да ја кумулира претпристапната програма со каков било друг договор за работа со други тела. Наспроти ова, пријавениот склучил договор за дело со К.М., во тоа време вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство, за извршување на работни обврски и задачи како асистент координатор на EFSA, кои веќе биле предвидени со Правилникот за систематизација на работните места во Агенцијата за храна и ветеринарство за нејзиното работно место.

Врз основа на склучениот договор за дело, во горенаведениот временски период, секој месец на К.М. неосновано ѝ биле исплаќани парични средства во износ од 62.934 денари, со што пријавениот ѝ овозможил да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 377.604 денари.

Покрај Зоран Поповски и на уште еден поранешен директор од времето на режимот на Груевски е поднесена кривична пријава. Се работи за Цветан Трипуновски, актуелен дополнителен заменик министер во земјоделие кој има кривична пријава за злоупотреба на службената должност со што го оштетил министерството за 117.000 евра.