Професорите на Економскиот факултет при УКИМ, Бобек Шуклев, Славе Ристевски и Драги Јанев, добија затворски казни и забрана за вршење на професијата поради сторените кривични дела – поткуп и примање награда за противзаконско влијание – случај познат како „Еразмус“.

Професор Шуклев доби казна затвор од 2 години. Тој барал 1 000 евра за да напише оценка по два предмета, а за да помогне на испит барал секс и придружба во посети на ресторани и трговски центри. Професорите Драги Јанев и Славе Ристевски се казнети со затвор од по 2 години и шест месеци. Тарифата за добивање оценки се движела од 500 до 1 000 евра, а во докажување на делата помогнале искази на заштитени сведоци, материјалните докази и ПИ-мерките.

„На обвинетите професори им се одредува мерка забрана за вршење дејност во рок од 10 години. При определување на видот на санкцијата, Судот се раководеше од природата на дејството, нивното својство и професијата што ја извршуваат и ги зема предвид сите отежнителни и олеснителни околности, а особено го анализираше степенот на вина и од кривично-правен и од морален аспект, па со овие казни ќе се оствари целта на казната“, рече судијата Туфегџиќ при изрекување на казната.
Обвинетиот професор Стојан Дебарлиев е ослободен зашто не е докажано делото што му се става на товар. Асистентот Драган Денковски, кој посредувал меѓу студентите и професорите, доби условна казна од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетиот во следните пет години не стори ново кривично дело. Денковски има забрана во следните 5 години да ја работи професијата.

Акцијата „Еразмус“ беше спроведена на 6 јуни 2016 година на Економскиот факултет. Осудените биле следени две години со посебни истражни мерки, а за нивното поведение има и сведоци. Акцијата се одвиваше со силно полициско обезбедување, на паркингот кај комплексот факултети, по сигурна дојава дека ќе се случи примопредавање на поткуп, односно кога еден од осомничените примил мито од 1 000 евра – обележани пари.

„Се отвора прашањето за општествената одговорноста и свеста што секој од нас треба да ја има, особено во образовниот процес. Наместо совесно и одговорно да се постапува, се покажа сосема неодговорно однесување, недозволиво“, рече судијата при изрекувањето на пресудата.