Повеќето Руси не планираат да се вакцинираат против коронавирусот, според анкетата објавена денеска, во која се потенцираат проблемите во кампањата за имунизација во земјата.

Москва ја регистрираше првата вакцина против коронавирус во светот, наречена Спутник В, во август 2020 година, но скептицизмот за вакцинација е голем проблем во Русија, велат експертите.

Според анкетата објавена од Центарот Левада, 62 процента од Русите не сакаат да се вакцинираат со Спутник В, презентирана од претседателот Владимир Путин како „најдобрата (вакцина) во светот“.

Левада, исто така, наведе дека 56 проценти од Русите не се плашат од заразување со коронавирусот, додавајќи дека бројот не е променет од февруари.

Според социолошкиот центар, бројот на Руси кои сакаат да се вакцинираат е намален во последната година. Дваесет и шест проценти се изјасниле дека се подготвени за имунизација, наспроти 30 отсто во февруари.

Десет проценти од испитаниците изјавиле дека веќе се вакцинирани.

– Се чини дека бројот на оние кои поддржуваат имунизирање се намалува главно поради вакцинираните, соопшти Центарот Левада.

Во анкетата учествувале над 1.600 лица во периодот од 22 до 28 април.

Русија ги укина речиси сите ограничувања воведени поради коронавирусот, а многу Руси одбиваат да носат маски во јавниот превоз и на други јавни места.

Земјата е меѓу најтешко погодените од Ковид-19, а некои експерти велат дека руските власти значително ги потценуваат смртните случаи од коронавирусот.