Индустриското производство во декември 2020 година бележи раст од 2,5 отсто во однос на декември 2019 година, објави Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци индустриското производство во 12-те месеци во 2020 година, во однос на периодот јануари – декември 2019 година, бележи намалување и изнесува 9,5 отсто.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во декември 2020 година, во однос на декември 2019 година, бележи пораст од 10,2 отсто, во секторот преработувачка индустрија бележи пораст од 3,3 отсто, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 6,1 отсто.

Зголемувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство кај производството на прехранбени производи, на текстил, на производи од гума и производи од пластични маси, производство на други неметални минерални производи, производство на метали, производство на електрична опрема и производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во декември 2020 година, во однос на декември 2019 година, бележи опаѓање кај енергија за три отсто, трајни производи за широка потрошувачка за 10,9 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 3,9 отсто, додека пораст бележи кај интермедијарни производи, освен енергија за 16,6 отсто и капитални производи за еден отсто.