Пред неколку месеци лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, победнички најавуваше дека поразот и падот на власта на Зоран Заев и на СДСМ ќе започне од Штип. Попрецизно, Мицкоски мислеше дека лесно ќе ги освои локалните избори, а тоа ќе ги охрабри и ќе им даде мотив во опозициската партија да продолжат со обидот да издејствуваат предвремени парламентарни избори.

Арно ама, не само што Мицкоски не најде соодветен кандидат во Штип, не само што стана свесен за поразот, не само што се покажа дека СДСМ има зголемена поддршка од граѓаните во источниот дел, не само што Мицкоски направи невидена политичка утка со бојкотот на локалните, сега тој го губи правото и понатаму да збори за предвремени парламентарни избори, оти со кој образ ќе зборува за „поразителните“ политики на СДСМ, кога СДСМ само што однесе сериозна и значајна победа.

Ова излегува дека колку повеќе Мицкоски го најавува падот на Заев, толку повеќе на Заев му расте граѓанската поддршка. Резултатите од локалните избори потврдија дека СДСМ не е далеку од вистината кога зборува дека ВМРО ДПМНЕ ги бојкотира изборите во Штип само заради една причина- очекуван и неизбежен пораз.

Бројката со излезени гласачи, но и добиените гласови на Николов се сосема доволни за чиста и сигурна победа на СДСМ на локалните избори во Штип, центарот на источниот дел од државата.

Имено, СДСМ го зголеми контото со гласови во градот, пред само пет месеци, на парламентарните избори освои 10 000 гласови, сега на локалните има 1 660 повеќе. Другите кандидати на овие избори освоија заедно околу 2 000 гласа, или вкупно гласале 14 500 избирачи, или 35 отсто од гласачите. Ваквие бројки, потврдени од ДИК, се целосно поразителни за ВМРО ДПМНЕ и затоа нивните тези дека СДСМ сам учествувал на избори кои самиот си ги организирал, се тотално погрешни, исто како и одлуката да бојкотираат избори.

Простата математика, според неколкуте последни изборни циклуси, покажува дека локалните избори во Штип се релевантни и дека поддршката за Сашко Николов, новиот градоначалник, е огромна. На изборите излегле 35 отсто (доволен процент за исполнет цензус) или 14 500 гласачи. Од нив 11 660 гласале за Николов (80 отсто од излезените). Ако ВМРО ДПМНЕ не бојкотираше и излезеше на избори, тогаш е очекувано бројот на гласови за Николов да е малку поголем (сепак кандидат на ВМРО ДПМНЕ би мотивирал и други да гласаат за Николов), додека ВМРО ДПМНЕ би освоиле од прилика исто колку и СДСМ, можеби помалку за 1 000 до 2 000 гласа. Но, поентата на оваа математика е друга. Ако излегоа уште 10 или 12 000 гласачи на ВМРО ДПМНЕ, тогаш излезноста на изборите ќе беше со околу 25 до 26 000 гласачи, или со околу 60 отсто, што би знаечело кредибилни и добро поддржани избори. Ако изборите во Штип со 60 отсто излезност се сметаат за успешни, а така било во изминатите изборни циклуси, тогаш и изборите со 35 отсто излезност, при бојкот на тој што ги носи другите 25 до 30 отсто во вкупниот број гласови, се секако успешни.

Затоа уште еднаш – тезата на ВМРО ДПМНЕ дека СДСМ сам учествувал на локалните избори е погрешна, прво затоа што имаше уште четворица противкандидати, а второ ВМРО ДПМНЕ сами избегаа од изборите за кои сега обвинуваат. Да не заборавиме дека пред само пет месеци СДСМ имаше 10 000 гласа на парламентарните избори во Штип, сега има 1 660 гласови повеќе. Тоа сега треба да ги загрижува во ВМРО ДПМНЕ, а не кој, со кого и како учевствувал на изборите. Во партијата треба сериозно да ја преиспитаат улогата на лидерот Мицкоски, колку неговте политики не ја носат партијата од пораз во пораз, и тоа секој следен е поголем.

Дали за Мицкоски ќе беше подостоинствено да настапи на изборите со свој кандидат, па макар и да ги загуби или пак, кукавички да измислува причини за бојкот, а сега да обвинува дека некој друг сам организирал избори? Ова прашање нека си го постават во неговата партија, оти во јавноста ќе беше легитимно само ако цензусот не беше исполнет и ако кандидатот на СДСМ не освоеше големо мнозинство, вака е само нова манипулација со членството и нов обид на Мицкоски да ја прикаже власта на СДСМ за поинаква од она што навистина е. А вистината е дека и покрај екот на пандемијата, и покрај недоразбирањата со Бугарија кои ја попречуваат државата да оди напред кон Европската Унија, и покрај здравствената и економската криза, граѓаните веруваат во подобра иднина, веруваат во европски вредности и сакаат напредок.

Штипјани покажаа дека имаат алтернатива, дека во име на европските аспирации на државата довербата ја дадоа на кандидатот на СДСМ, а со тоа застанаа против деструктивните политики на опозицијата, вклучително и оваа за бојкот на изборите. Но, штипјани испратија и порака до другите граѓани на државата, дека и покрај тешкиот период, покрај опасноста од пандемијата која и натаму е присутна, покрај блокадата на Бугарија на тридеценискиот сон на македонските граѓани, сепак има иднина за овој народ и за оваа држава. Иднината се вика Европска Унија.