Од Европската комисија (ЕК) добивме позитивни критики за развојот на досегашните политики во енергетскиот сектор. Во последниот Извештај на ЕК за Северна Македонија за 2020 година, во делот Енергија, се оценува дека во енергетскиот сектор е постигнат „добар напредок, особено преку усвојување на законодавството за спроведување на третиот енергетски пакет на ЕУ, за гас и електрична енергија, и се констатира дека земјата продолжува да биде „умерено подготвена во оваа област“.

Меѓу другото, во Извештајот се препорачува дека е потребно да се реши проблемот со снабденоста со јаглен на РЕК Битола, каде треба да се инвестира во нови ресурси, потоа, дека се потребни поголеми инвестиции во енергетската ефикасност и формирање на посебен Фонд за енергетска ефикасност, како и зголемување на бројот на стручните кадри во надлежните институции, стои во делот на Извештајот за: снабдувањето со енергија, инфраструктура, внатрешен пазар на енергија, потрошувачи, обновлива енергија, енергетска ефикасност, нуклеарна енергија и нуклеарна безбедност и заштита од радијација.

„Финансиите за унапредување на енергетската ефикасност треба да се зголемат, што вклучува и формирање на Фонд за енергетска ефикасност. Греењето на домаќинствата е сериозен проблем и има големо влијание врз загадувањето на воздухот. Општините треба да преземат чекори за целосно почитување на нивната обврска за развој и спроведување на општински програми за енергетска ефикасност“, се препорачува во Извештајот.

Формирањето на Фонд за енергетска ефикасност е предвидено со Законот за енергетска ефикасност, каде стои дека треба да се донесе посебен закон, што многу веројатно ќе се случи на почетокот на наредната година. Според Александар Дединец, научен соработник во МАНУ, првичните средства за овој фонд ќе се обезбедат со заем од Светска банка во висина од 25 милиони евра, а документот веќе се наоѓа во собраниска процедура.

„Средствата за фондот во првата фаза ќе бидат наменети за реновирање на општините и на јавните претпријатија, а подоцна ќе бидат вклучени и домовите и приватните фирми, откако ќе се прецизира како понатаму ќе се полни овој фонд“, вели Дединец за „Мета.мк“.

Што се однесува до препораката на ЕК за зголемување на стручните лица во енергетскиот сектор во Министерството за економија и Агенцијата за енергетика, тој вели дека има недостиг од оперативни кадри за поголеми ефекти од практичното спроведување на законските одредби во делот на енергетиката.

„Недостига стручен, инженерски кадар. Со еден, двајца инженери во сектор, не може ефикасно да се имплементираат законите. На пазарот има вакви кадри, но проблемот е што тие не сакаат да работат во јавна администрација, туку во одат во приватниот сектор. Затоа е потребно со некакви мерки да се стимулираат и привлечат во енергетските сектори во државните институции“, посочува Дединец, повикувајќи се на препораката од ЕК дека: „Во наредната година треба да се зголеми бројот на персоналот и на техничкиот – инженерскиот капацитет во Секторот за енергетика, при Министерството за економија и Агенцијата за енергетика“.

Наредната година треба да се заврши раздвојувањето на операторот на системот за пренос на гас, а што се однесува до безбедноста на снабдувањето со струја, и понатаму стои дека треба итно да се реши достапноста на јаглен за термоцентралата во Битола, вклучувајќи го и инвестирање во нови ресурси.

„Изградбата на малите хидроцентрали не тече систематски и транспарентно и инвестициите во хидроцентралите треба да се усогласат со релевантното законодавство на ЕУ за животната средина“, се констатира во делот за енергетика.

Во врска со Законот за енергетика, ЕК оценува дека е тој „целосно усогласен со Директивата на ЕУ за обновливи извори на енергија, по усвојувањето на неколку делови на подзаконски акти за спроведување на правилата за обновлива енергија“.

Во Извештајот на ЕК се додава дека дополнетиот национален акционен план за обновливи извори на енергија (ОИЕ) има за цел да ја исполни ревидираната обврзувачка цел, а тоа е годинава 23 отсто од енергијата да доаѓа од обновливи извори на енергија, а 24 отсто до крајот на 2025 година. За споредба, учеството на енергијата од ОИЕ во 2018 година изнесуваше 18,12 отсто во вкупното.

За Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, ЕК констатира дека таа ги рефлектира приоритетите на енергетската и климатската политика на ЕУ и целите од 2030 година, како и интегрираната стратегија за енергетика и клима.

Извор: Мета