Владата ги поздрави напорите на ЕУ за подобрување на пристапниот процес за членство во ЕУ. Опозицијата најави став по деталната анализа на официјалниот документ. Упатените пак велат дека новата методологија всушност воведува нови условувања и најавува усложнување на процедурата за преговори со ЕУ

Политичките претставници во земјава различно ја толкуваат новата методологија за проширување, со која се воведуваат промени во преговарачкиот процес за членство во ЕУ.

Владата смета дека новата методологија ќе даде поголема предвидливост и кредибилитет на преговарачкиот процес. Националниот координатор за интеграција во Европската Унија, Бојан Маричиќ, денеска изјави дека новата методологија е повеќе политички отколку бирократски документ, но дека е добар знак што со него Балканот се оцртува како геостратегиско подрачје, а првиот кластер, односно поглавјата 23 и 24, се истакнуваат како најважни.

„Тој кластер е отворен за цело време во текот на преговорите. Напредокот во другите кластери ќе зависи од напредокот на овој. За првиот кластер нема временски рок на траење додека за другите може да се ограничи, доколку има напредок, и да се затвори за една година. Добро е што на ваков начин им се дава на преговорите реална рамка до кога би траеле. Ниту едно поглавје не се брише, туку само се реорганизира“, изјави националниот координатор за интеграција во Европската Унија, Бојан Маричиќ, за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Според Маричиќ за новата преговарачка рамка клучно е владеењето на правото и функционирање на демократските институции за што ќе има и детален акциски план и поинтензивно ќе биде следено од сите држави.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров ги поздравува напорите на Европската комисија за подобрување на пристапниот процес и додава дека новата методологија придонесува за зајакната политичка димензија, но исто така и за повеќе динамизам, предвидливост и кредибилитет на процесот.

„Ние, во регионот, немаме од што да се плашиме од воведувањето на реверзибилноста. Најпосле, пристапниот процес постои да ги трансформира реалностите на теренот кон подобро. Повеќе бенефиции за реформаторите и повеќе санкции за тие кои одат назад врз основа на кредибилна објективна оценка за напредокот е чекор напред. Крајно време е за лансирање на здрава реформска конкуренција во нашиот регион“, вели во писмената изјава министерот Никола Димитров.

Опозицијата вели дека својот став за методологијата ќе го каже откако детално ќе ја разгледа официјалната верзија на документот. Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека работат на тоа Македонија што поскоро да ги почне преговорите за членство.

„ВМРО-ДПМНЕ настојува Македонија што поскоро да добие датум за преговори бидејќи изминатите две, три години на чело со Заев загуби многу во трката кон ЕУ. Она што може да се забележи е недостаток на реформи и изгубени години со СДСМ на власт, а тоа го покажуваат релевантните меѓународни институции, имаме пад на листата за транспарентност за борбата против корупцијата, овие се сериозни показатели за тоа каде може да води сиот овој процес, изјави Наум Стоилковски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Усложнета процедура за отворање на преговорите

Од Институтот за европска политика велат дека новата методологија е всушност задоволување на францускиот предлог иако е поомекнат речникот за реверзибилност на процесот. Но за разлика од оптимистичките изјави на владата, според Малинка Ристовска-Јорданова од овој институт, оваа методологија сериозно ќе ја усложни процедурата за отворање преговори со Македонија.

„Сериозно се зајакнува условеноста. Во преговорите директно се воведуваат економските критериуми а од политичките критериуми се воведува и јавната администрација. Тоа особено ќе биде осетливо бидејќи не постојат пишани норми на ЕУ за јавната администрација, а исто така ниту меѓународни стандарди кои би биле етаблирани. Со оглед на ваквото зајакнување на условеноста, ова веќе значи едно регрупирање на државите, значи, сериозно различни и потешки услови за државите кои ќе влегуваат во преговори по усвојувањето на оваа методологија“, вели Ристовска-Јорданова од ИЕП.

Наспроти уверувањата дека новата рамка нема да значи нови условувања, туку само измени во преговарачкиот процес, Ристовска вели дека новата методологија всушност воведува нови акциски планови и за други поглавја (не само за 23 и 24) како што се на пример: за функционирање на демократски институции и јавна администрација, но и за економските реформи, што пак го оценува како позитивен знак.

Што предвидува новата преговарачка рамка на ЕУ?

Според нацрт верзијата, со новата методологија на Европската комисија се овозможува запирање или враќање во пристапните преговори во случаи кога земјите кандидати не напредуваат во кое било поле кое е опфатено во пристапниот процес. Државите членки на ЕУ ќе имаат поголема моќ да иницираат суспензија на пристапните преговори.

Можната стагнација или враќање на процесот треба да се соопшти во годишната проценка на Европската комисија. Се остава можност и државите членки на ЕУ да допринесат во овој процес, така што на Комисијата ќе ѝ јавуваат за каква било стагнација или сериозно заостанување во процесот на реформи.

Преговарачките поглавја ќе бидат групирани во шест тематски кластери. Овие кластери опфаќаат широки теми како што се управување, внатрешен пазар, економска конкурентност и поврзаност. Ќе се овозможи да се утврдат најважните и најитни реформи по секторите, а преговорите за секој кластер ќе бидат отворени во целина по исполнување на почетните мерила.

Нацрт-методологијата предлага редовни собири на самитот ЕУ-Западен Балкан и засилени контакти на министерско ниво.Посебните меѓувладини конференции за секоја земја-кандидат треба да се организираат по годишните извештаи на Европската комисија, за да се разгледа напредокот и плановите за наредниот период.

Пораки за поддршка на европската иднина на Западен Балкан

Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во јануари годинава порача дека нема да дозволи наметнување нови пречки за земјите кандидати.

Италијанскиот амбасадор во земјава Карло Ромео во неодамнешното интервју за нашето радио изјави дека Италија ќе се залага новата преговарачка рамка да не ги одложи преговорите со Северна Македонија и Албанија и вети подинамичен и поефективен процес на преговори со земјите кандидатки за членство во Унијата.

Претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел по средбата со македонскиот претседател Стево Пендаровски во Скопје, рече дека на 26 март Европскиот совет ќе има тешки разговори за проширувањето. И еврокомесарот за проширување на ЕУ Оливер Вархеји пак, при неодамнешната посета на Скопје изрази надеж дека ќе биде донесена позитивна одлука пред самитот на Унијата во Загреб, но додаде и дека до тогаш приоритет треба да биде донесувањето на Законот за јавно обвинителство.

Марија Тумановска за Радио Слободна Европа