Уште  нестанат мандатар, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој повеќе од веројатно ќе биде идниот премиер, вечерва најави задолжување на државата од една милијарда евра, веднаш по формирањето на новата влада. Во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Мицкоски рече дека станува збор за кредит од друга држава под многу поволни околности. Тој најави и неколку инвестиции од кои едната во енергетиката вредна 400-500 милиони евра.

„Можам да најавам еден финансиски пакет, соработка влада со влада, во вредност од една милијарда евра со исклучително поволни услови, со добар грејс период, со исклучително атрактивна каматна стапка“, рече Мицкоски, потврдувајќи дека станува збор за кредит од друга држава, но не откри други детали.

Ваквата најава доаѓа веднаш по убедливата победа на парламентарните и на претседателските избори, но и по период во кој ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја напаѓаше владата дека ја презадолжила Македонија. Всушност, задолжувањето на земјата беше еден од клучните аргументи на ВМРО-ДПМНЕ дека биле спроведувани лоши ек0ономски политики.

Милијардата што ја најави Мицкоски доаѓа и како дел од амбициозната програма на партијата, а која се состои од 1.198 проекти и мерки кои ги вети ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на изборите.

Мицкоски веднаш по објавување на резултатите од изборите во средата, во партиското седиште најави и инвестициски пакет кој, како што рече, ќе се почувствува веќе во првите сто дена од новата влада. Во врска со ова во „Само интервју“, тој појасни дека во првите сто дена имаат многу амбициозна агенда за која се подготвувале, но не сакале да ја експлоатираат во кампањата.

„Но, денеска кога сѐ е завршено можам да кажам дека веќе е завршена една сериозна странска инвестиција, којашто е отпочната, во енергетиката. Без посебни закони, без загарантирана цена на откуп, без какви било повластици и која би се движела околу 400 – 500 милиони евра и којашто годишно ќе произведува околу еден терават часови електрична енергија. Таа ќе се случи во Македонија и тоа ќе биде објавено во првите сто дена“, рече Мицкоски.

Тој најави и две други атрактивни странски инвестиции кои што би биле во зоните, но услов, како што посочи, е заминување на директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, бидејќи компаниите имале лошо искуство со него.

Во врска со едно од клучните ветувања, за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари тој рече дека првото нивелирање ќе биде во септември оваа година, а второто во март 2025 година, со што ќе се заокружи ветувањето.

„Ако владата се формира во јуни, тоа значи не за 12 месеци, туку за девет месеци ќе биде исполнето ветувањето, а тоа е зголемување на пензиите од 5.000 денари линаеарно“, рече Мицкоски.

Тој очекува во втората половина на јули да се направи ребаланс на Буџетот и во септември да почне со проектот за децентрализација, односно финансирање на општините, за што се предвидени 250 милиони евра годишно, но бидејќи сега сме на половина на годината, овој буџет ќе опфати 125 милиони евра.

Запрашан дали ќе има за плати во јавната администрација, со оглед што во овој период бевме сведоци на низа протести за повисоки плати Мицкоски рече дека биле многу внимателни во програмата и многу внимателно ветувале.

„Економската програма се темели на инвестиции, а не на јавна потрошувачка. Јавната потрошувачка видовме до каде нѐ донесе, така што тие процеси – продуктивноста, инвестициите и зголемените плати, мора да одат паралелно“, рече Мицкоски.

Во однос на барањето на синдикатите за минимална плата од 450 евра Мицкоски рече дека треба да се седне и да се разговара.

„Да ги видиме перформансите на буџетот, сѐ што е во рамките на реалното, ние тоа ќе го исполниме“, рече Мицкоски.

Тој исто така најави дека ќе продолжи политиката на рамен данок, како и борба со сивата економија.

„Доколку имаме поголеми приходи дури и рамниот данок од десет проценти може да го намалиме на осум проценти, со што би ја направиле Македонија најатрактивната држава во рамки на даничната политика“, рече Мицкоски, додавајќи дека се планираат и други новини во даночната сфера за консолидирање на профитот на мултинационалните компании.

Се напушта концептот на ФИТР, бидејќи, како што рече, „нема да трошиме пари за кисела вода, за иновативен рецепт за пица“, додавајќи дека ќе има поддршка за стопанството, односно за сите што ќе вложат во производствени линии, до 50 проценти од инвестицијата ќе бидат поддржани со грантови со што ќе се зголемува продуктивноста и додадената вредност.

За повратот на ДДВ Мицкоски рече дека ќе се надгради, односно дека ќе има поврат за мајките. За нив е предвидено кеш бек на трансакциска сметката за прво родено дете за што ќе се враќа уплатениот данокот на личен доход во претходната година, за второ родено дете две години, а за трето родено дете сѐ додека највозрасното не биде полнолетно. На овој начин, како што посочи, би се добивале 35-40 илјади денари годишно од износот на просечната плата, а за поголемите плати и повеќе. (Н.В.) 

Извор: Независен