ВМРО-ДПМНЕ во последниот период упорно повикуваше предвремено да го ратификуваме Протоколот за НАТО затоа што наводно биле загрижени за членството во Алијансата. Но, во пракса, очигледно е дека ВМРО ДПМНЕ е против нашето зачленување во НАТО.
Како поинаку да се толкува опструкцијата на Христијан Мицкоски кон Законот за одбрана, кога тоа законско решение е клучно при зачленувањето на државата во НАТО.
Ваквата неконзистентна политика на ВМРО ДПМНЕ, едно во теорија, а друго во пракса, го покажува своето мрачно лице.
Ова наликува на ситуацијата со Мицкоски кога пред македонските граѓани изјавува дека ќе го поништи Договорот од Преспа или оној со Бугарија, а пред странските политичари уверува дека ги почитува затоа што тие се гарантори на европската иднина на државата.
Само што сега на домашна сцена, истиот Мицковски е со полна уста за НАТО, а не сака неговите пратеници да гласаат за законите кои се неопходни за членство.
Со ваквото лицемерие ВМРО ДПМНЕ директно наштетува на државата и на интересите на граѓаните, а со одбивањето да го гласа Законот за одбрана го загрозува целиот евроатлански процес.
Република Северна Македонија е на чекор да стане 30-та земја членка на НАТО и тоа е единствената опција да ја осигураме нашата стабилност, безбедност, економија и нашата иднина.
Законот за одбрана е клучен за нашето членство во Алијансата. Овој закон обезбедува воведување на НАТО стандарди во македонската армија, обезбедува колективен систем на одбрана и затоа тој е клучен за нашето зачленување во НАТО.
СДСМ повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да престанат со политиканството и да го поддржат Законот за одбрана, кој е важен за нашето зачленување во НАТО, но е уште поважен за припадниците на нашата армија.
“Граѓаните на 12 април ќе гласаат за интегративни, иновативни и толерантни политики, а не за несериозните политики на ВМРО-ДПМНЕ што ја држеа земјата во криминал и корупција.” – велат од владејачката партија.