Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска заедно со премиерот Димитар Ковачевски ги доделија договорите за мерката Бизнис план.
1.5 милиони евра за модернизација на 206 земјоделски стопанства е финалниот резултат за оваа мерка.
– Тоа се 206 одлични идеи за земјоделски бизнис. Ова значи дека сме покренале лавина од мисли, идеи, предлози, тоа е лавина од нова надеж кај земјоделците и нивните семејства, нова желба за работа, нов поттик, ново ентузијастичко размислување дека државата силно ги подджува земјоделците, со неповратни финансиски средства во форма на грант до 10.000 евра по корисник, порача Николовски.
-Со мерката Бизнис План, поттикнуваме набавка на земјоделска механизација, пчеларска опрема, силоси, опрема во објекти за производство на храна од животинско и/или неживотинско потекло, опрема за навигација и смарт земјоделство, машини за разбивање на мраз, инвестиции во објекти на фарми за обновливи извори на енергија за сопствена потрошувачка, опрема за производство на тутун, хардвер и софтвер за примарно земјоделско производство и уште многу други предвидени со Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2023 година, додава министерот.
Од вкупно одобрени 206 апликации, 115 се за жени земјоделки носители на земјоделски стопанства, а 121 апликација се одобрени за млади земјоделци, што е за почит.
Николовски упати честитки до сите и искажа благодарност за довербата.
-Ви благодарам и за храброста, за одличните планови за бизнис во агросекторот, за иновативните идеи. Ви благодарам и што го унапредувате земјоделскиот сектор, а со тоа и помагате на домашната економија и придонесувате за зголемено домашно производство, рече Николовски.