Преспанскиот договор е завршена работа и неосновани и нереални се најавите за негова ревизија или поништување по предвремените парламентарни избори закажани на 12 април, едногласни се аналитичарите во земјава.
Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ посочува дека кога коментираме дали е Договорот реалност или предизборен политички маркетинг, треба да земеме предвид кои се импликациите од неговото поништување. Прво, наведува, тоа е сериозно блокирање на европските перспективи на земјата и нарушување на меѓународниот кредибилитет на Македонија.
Потоа правните консеквенции што би следувале како резултат на неизбежна тужба пред Меѓународниот суд на правдата, надворешнополитичките последици, а од внатрешнополитички аспект, вели, за да биде поништен Договорот, потребно е двотретинско мнозинство во законодавниот дом.
„Внатрешнополитичките можности се дека тој треба да биде поништен со двотретинско мнозинство. Со оглед на изјавите на сите релевантни поголеми политички партии тоа е невозможно да се постигне, бидејќи идните владини коалиции, сите партии освен ВМРО-ДПМНЕ ги условија со почитување на Преспанскиот договор. Оттука и таа опција целосно е невозможна поради тоа што веројатноста ВМРО-ДПМНЕ да освои двотретинско мнозинство е непостојна, со оглед на сите овие аргументи. Станува збор повеќе за политички маркетинг, кој има цел мобилизација на поголемо гласачко тело од страна на ВМРО-ДПМНЕ за последните избори, но не и реално постапување во врска со Преспанскиот договор понатаму, наведува Трошановски.
Тој додава дека е нејасна и ревизијата што ја најавува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, што таа значи впрочем, па токму затоа преземање каков било чекор води кон последиците што ги наведува.
„Евентуално беше спомената промена на Уставот за внатрешна употреба, што повторно повлекува двотретинско мнозинство во Парламентот“, посочува Трошановски.
Потсетува дека Нова демократија во Грција лани пред изборите имаше силна антипреспанска реторика додека беше во опозиција, меѓутоа по преземање на власта значително омекна и уште повеќе официјално од грчката Влада предводена од Нова демократија да биде изјавено дека Договорот не може да се промени, иако, наводно, е штетен за грчките национални интереси.
„Мислам дека истата траекторија на постапување, однесување би била применлива и во нашиот случај“, оценува Трошановски.
Според Александар Кржаловски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, во предизборието повторно се наметнува темата Преспански договор, како една од оние по која има значителни поделби во општеството. Една од улогите на тоа повторно навраќање на оваа тема кај двете најголеми партии е, вели, да се хомогенизира сопственото членство (со потсетување дека тоа била линијата на поделба… и дека и натаму треба да биде, односно – да се опстои на поддршката на партијата што ја застапува едната или другата позиција – за или против Договорот).
Но, во реалноста, нагласува, тоа е повеќе или помалку апсолвирано прашање, не само со неговото потпишување, донесувањето на уставните измени и стапувањето во сила, туку и со резултатите на претседателските избори – кога тоа прашање беше главната разлика меѓу кандидатите Пендаровски и Силјановска и нема посебна причина сега повторно да се кршат копја околу тоа.
„Исто така, не може да се очекува ни негово поништување ниту, пак, менување, како што најавува ВМРО-ДПМНЕ ако тие ја освојат власта. Тоа им е јасно и ним, па затоа внимателно додаваат „ако добиеме двотретинско и Бадинтерово мнозинство“ – што не може да се случи освен ако СДСМ не ги бојкотира изборите (една партија да има двотретинско мнозинство се случило само еднаш во историјата на независна Македонија – во 1994 година, кога ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираше изборите), а пак за да се има и Бадинтерово мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ ќе треба на своите листи да има 20-тина кандидати од немнозинските заедници (вклучително Албанци) на добитните позиции. Па, да видиме дали такви листи ќе поднесат на изборите. Со други зборови, бидејќи овие услови се неостварливи – не држи вода реториката за измена на Преспанскиот договор. Впрочем, доколку навистина беа толку против Договорот, ќе го спречеа донесувањето на уставните измени, како што деновиве спречуваат донесување неколку закони, со поднесување илјадници амандмани“, дециден е Кржаловски.
Целата анализа на ТВ Нова на следниов линк