Уште еден пациент заболен од Ковид 19 почина, оздравени се пет, а нови заболени од вирусот има десет, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Според него, во изминативе 24 часа се направени 183 тестови, и демантираше дека намерно се намалува бројот на тестирања.
-Бројот на тестирања е намален бидејќи е намален и бројот на граѓаните кои имале симптоми.Ново заболените се од Скопје-6, Куманово-2 и по еден од Прилеп и Битола. Почина пациент од Делчево, на возраст од 60 години, рече Филипче, кој додаде дека вкупниот број на заболени е 1.674, од кои 1.205 се оздравени, 92 се починати, а 377 активни случаи, рече Филипче.
Според него, Комисијата за заразни болести донела одлука да се намалат мерките поради исполнување на три критериуми утврдени од СЗО- индикаторот за заразени кој е под 1, како и подготвеноста на здравствениот систем и дека состојбата со епидемијата е стабилна.
-Олабавувањето на мерките ќе оди постепено од неделава кога почнат со работа испитните центри за авто школи, шалтерските служби, обука и семинари на возрасни, постепено отворање на моловите, спортски тренинзи на отворено за индивидуани спортови, и слично, рече Филипче.
Притоа, нагласи Филипче, остануваат во сила задолженијата за социјална дистанца и заштитни маски. По увид во новата епидемиолошка анализа би можело да се разгледува отворањето на угостителските објекти, а неделата потоа и игрите на среќа и спортовите во затворен простор.