По социјалните мрежи се споделува фотографија за која се тврди дека е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во друштво со неколку лица. Едното од нив наликува на Владимир Нелоски, член на Извршен комитет на партијата.

Лицата од оваа фотографија се гледа дека се движат во природа над Скопје, најверојатно на Водно.

Вчера и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на инстаграм сподели фотографија со поглед на Скопје, за која исто така се претпоставува дека е направена од Водно.

Додека надлежните, како и целата јавност вклучувајки ги сите влијателни лица, новинари, автори, музичари, …секојдневно со свои примери покажуваат и апелираат до граѓаните да се остане дома, да се изолира, да не се излегува, освен ако е неопходно, се чини дека за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тоа како да не важи.

Наместо да снима видеа како дома го поминува времето со семејството и со тоа како прв човек на опозицијата даде пример за останатите граѓани, Мицкоски го прави спротивното.

Тој пред некој ден беше “уловен” како излегува од теретана со торба во раце, во денови кога теретаните се затворени. И откако јавноста со право реагираше, мораше сопственикот на теретаната да го правда Мицкоски дека всушност, тој дошол да си ја зеде торбата. Чиниш, лидер на опозиција кој сака да дојде на власт, има толку многу слободно време, па може да си дозволи да се шета по теретани и да собира работи кои наводно ги заборавил.

Како дополнување на текстот, во меѓувреме, Владимир Нелоски, на Фејсбук призна дека на фотографијата се токму тие.