На синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ, Миле Зечевиќ е избран за нов генерален секретар на СДСМ.

Имено Зечевиќ е поранешен долгогодишен организациски секретар на СДСМ. Тој беше советник на поранешниот премиер Зоран Заев, за адвокатски услуги, а на почетокот на 2019 година стана дел и од Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола.

Миле Зечевиќ исто така е и поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање на Македонија.

Зечевиќ дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1996 година и е магистрант по казнено право со положен правосуден испит.

Како член на СДСМ, Зечевиќ својата политичка кариера ја започнал во 2001 година кога во широката коалиција неколку месеци бил шеф на кабинет на министерот за одбрана Владо Бучковски. По промената на власта во 2002 година, Зечевиќ неколку месеци бил заменик-генерален директор на ЈПАУ “Македонија”. При првата реконструкција на Владата на Црвенковски во 2003 година, Зечевиќ бил именуван за генерален секретар на Владата.