Република Северна Македонија може и треба да биде дел од денешна Европа, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски на годишната конференција „Година на нови можности“, која ќе трае два дена. Тој истакна дека решение за подобрување на стандардот на граѓаните има ако останеме посветени на приоритетите и создадовме предуслови за тоа.

Ковачевски, осврнувајќи се на постигнувањата во минатата 2022 година, рече дека Владата успеала да ги заштити граѓаните од енормното поскапување на храната како последица на енергетската и кризата предизвикана со војната во Украина. Зголемена е просечната плата, како и пензиите, кои и оваа година ќе бидат зголемени. Растот на пензиите, додаде тој, е загарантиран со закон.

Премиерот Ковачевски потенцира дека има нови инвестиции, како и вложувања во капитални инвестиции, направени се низа системски решенија, а има и домашно производство на храна и енергија.

Во своето обраќање тој детално информираше што се е направено во 2022 и што се планира во 2023 година во сите сектори, субвенционирањето и мерките за помош на компаниите и граѓаните.

– Плановите на Владата имаат за цел да обезбедат подобар стандард и подобри услови за живот на сите граѓани и во услови на најголемата светска економска и енергетска криза, истакна меѓу другото Ковачевски.

На конференцијата ќе се обрати и првиот вицепремиер Артан Груби. Во рамки на конференцијата во двата дена е предвидено одржување на вкупно осум панели на различни теми.

Целта на конференцијата е преку дискусија прво да се направи пресек на она што е направено во 2022 година, како и да се дадат насоки и визии за 2023 година.

На првиот панел „ЕУ интеграции и реформски процеси“ ќе се дискутира за евроинтегративниот процес, скринингот, европските фондови, општествените реформи како и владеењето на правото и европските вредности.

На вториот панел „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“ ќе се разговара за капиталните инфраструктурни инвестиции, но и за достигнувањата и плановите, како и остварените и планирани капитални инвестиции во образованието, културата и животната средина.

На третиот панел „Инвестиции и економски раст во услови на криза”, ќе се дискутира за условите и можностите кои ќе обезбедат дополнителни странски и домашни директни инвестиции, ќе обезбедат нови работни места, повисок стандард, но и за генералните насоки за економски раст во услови на криза.

На четвртиот Панел „Социјални и здравствени политики во време на криза“, ќе се разговара за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална и просечна плата како и новата методологија за раст на пензиите, како и за здравствените политики во изминатава и следнава година.

Во текот на вториот ден од конференцијата ќе се одржат исто така четири панели.