Владите на Северна Македонија и Бугарија на заедничка седница во Софија потпишаа четири меморандуми за разбирање и неколку декларации за соработка меѓу двете земји.

На прес-конференцијата, премиерите на Македонија, Димитар Ковачевски и Бугарија, Кирил Петков истакнаа дека постои волја за брз напредок во меѓусебните односи и оценија дека работата на пет меѓувладини работни групи, со кои копретседаваат ресорните министри, го постави нормативна основа за засилена соработка.

„Навистина сум задоволен од денешните состаноци. Имавме пленарна средба, но уште поважно е што министрите во работните групи работеа на конкретни проекти кои треба да се изработат во наредниот период“, изјави бугарскиот премиер Петков.
Премиерите на двете соседни земји изразија задоволство од тоа што на првата средба е направено многу и оценија дека меморандумите потпишани како краен резултат ќе имаат економски развој на целиот регион.

Ковачевски рече дека на првата средба во Скопје, на 18 јануари, а сега и во Софија, разговарале и за политички теми, но дека најмногу време посветиле на економските.

Во однос на барањето на Софија Бугарите да бидат впишани во Уставот на Северна Македонија, тој рече дека во Уставот освен Македонија се наведени и други народи и дека е нормално граѓаните кои се самоопределуваат на друг начин да бараат да влезат во Уставот, но и дека тоа е процес кој минува низ неколку фази и институции.

-На патот на една земја кон ЕУ се отвора Уставот за да се адаптира, а потоа врз основа на барањето тие прашања ќе бидат опфатени согласно барањата на граѓаните“, рече премиерот на Македонија.

Ковачевски истакна дека Скопје и Софија ќе покажат дека можат да соработуваат и на Балканот, додека неговиот бугарски колега рече дека верува оти дијалогот ќе го замени национализмот во односите меѓу двете соседни земји.

Меѓу документите потпишани во Софија се меморандуми за соработка во земјоделството, поттикнување на претприемништвото и поврзување на Скопје и Софија, забрзување на изградбата на железничкиот Коридор 8, иницијатива за воспоставување авиолинија меѓу главните градови и декларација за намалување на цените во роаминг.