-Во изминатите два месеци, преку активностите од врата до врата, посетивме и пруживме рака на повеќе од 220.000 семејства низ целата земја. Од летото до сега, реализиравме 680 маалски и урбани средби и 400 теренски посети на одговорните партиски функционери низ општинските организации, вели во интервју за МИА генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски.

Уште со самото ваше назначување за генерален секретар, СДСМ започна теренски активности, дали тие се уште се одржуваат или повеќе се концентрирате кон внaтрепартиските процеси пред
изборите?

Од летото до сега, а тоа значи и во периодот којшто следува, постојано сме на терен. Не е важно дали се избори или не, граѓаните имаат потреби постојано и затоа ние одлучивме да бидеме на терен постојано. Овој пристап многу ни помага при создавањето на програмата за претстојните избори, зашто точно знаеме кои се приоритетите и очекувањата на граѓаните. Разговараме, предлагаме решенија, ги слушаме ставовите и потребите на нашиот народ.

Во изминатите два месеци, преку активностите од врата до врата, посетивме и пруживме рака на повеќе од 220.000 семејства низ целата земја. Од летото до сега, реализиравме 680 маалски и урбани средби и 400 теренски посети на одговорните партиски функционери низ општинските организации.
Одржавме над 360 средби со граѓани во локалните средини од општинските организации. На централно и локално ниво под наше покровителство се организираа 250 хуманитарни настани, манифестации, работни акции за да им се помогне на оние на кои тоа им е најпотребно.
Организиравме над 30 трибини во цела држава под слоганот „На прав пат“ на кои граѓаните масовно присуствуваа и комуницираа со партиското раководство на различни теми.

Овој пeриод го користиме за одржување на 15 програмско-тематски трибини „Агенда 20-24“ на кои заедно со граѓаните гледаме напред во иднината и ја креираме програмата на СДСМ за мандатот 2020 – 2024. Знаеме што правиме – одиме со храбри, сигурни и одговорни чекори, имаме план со кој точно ќе се знае каде оди државата.

Од друга страна нашиот политички опонент ВМРО-ДПМНЕ го нема никаде, најавуваа протести дека ќе оделе по улиците и плоштадите, но ги немаше никаде. Најавуваа помпезно некакви разговори со граѓаните на кои почнаа и да не се појавуваат, а сега зборуваат за некаква обнова пред домовите на граѓаните, на што народот се шегува и им вели „заклучи вратата, спушти ролетната, вмро ќе доаѓало по домовите”. Сето тоа доволно зборува за разликата во концептите. Ние сме постојано со граѓаните, тие се постојано во заштита на минатото раководство и затоа не можат да очекуваат ништо друго освен пораз на изборите. Ние се бориме за повисоки плати, тие се борат за Груевски.