Заеднички и обединето да го исчекориме овој пат за започнување преговори и на оваа успешна приказна која што доаѓа за нашата земја, а тоа се преговорите за влез во Европската Унија и креирање на подобар живот за сите генерации, изјави денеска вицепремиерот Љупчо Николовски одговорајќи на новинарско прашање при посетата во Битола.

Николовски посочи дека премиерот Зоран Заев е најзаслужен за исполнување на стратешките цели кои се од национален интерес за државата.
При тоа истакна дека за забрзување на целиот процес за почеток на преговорите со ЕУ е потребен максимален заеднички напор и влог.

„Верувам дека во тој процес на преговори ќе ги впрегнеме сите сили, дека ќе нема партии, дека ќе нема групи, туку дека сите заедно, со сите стручни и професионални кадри, луѓе кои што имаат капацитет, вредности и компетенции, да ги вградиме во таа трансформација на општеството и што побрзо да ги завршиме преговорите. Јас сум еден од тие кои што јасно, јавно и прецизно одговара, разговара и дискутира за секое едно прашање и внатре во партијата од каде што потекнувам но и надвор со граѓаните поради тоа што кога сте влезени чесно, одговорно и за плата да работите во интерес на граѓаните, нема што да се крие“, изјави Николовски.

При тоа Николовски посочи дека благодарение силните заложбите и храбрите одлуки на премиерот Заев, Република Северна Македонија е 30-та рамноправна членка на НАТО, со што е остварен еден од стратешките приоритети кој што беше ветување на многу генерации на политичари наназад, но кои немаа храброст тоа да го направат.