Утрово, со Света архиерејска литургија во манастирот Свети Јоаким Осоговски, со која чиноначалствуваше неговото Архиепископот Охридски и Македонски, г.г.Стефан ,во сослужение со неговото високопреосвештенство, митрополитот Кумановско -Осоговски г.Григориј заедно, свечено се чествуваше празникот на манастирот.
Празникот на патрон- светителот на манастирот, светецот заштитник на Крива Паланка, чијшто спомен денес го чествува нека донесе мир, здравје и спокој во секој дом!

457200056_823413289906107_4637824874334852196_n

Свети Јоаким Осоговски е еден од македонските светители, кој се подвизал во Македонија во XI век. Според преданието, бил соподвизник на светите Прохор Пчински, Гаврил Лесновски и Јован Рилски. Во негова чест е наречен еден од најпознатите манастири во Македонија – манастирот “Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка.
Житието на Јоаким Осоговски е зачувано во неколку ракописи, а најстариот потекнува од (XIII минеј) па од XV век, кој бил пронајден во Синодолната библиотека во Софија. Но, овој ракопис не бил целосен. Постои и белградски препис од XVI век кој бил повеќепати реиздаван со српска рецензија. Инаку Стојан Новаковиќ сметал оти житието било составено некаде во XV или XVI век, кога дошле Турците, бидејќи во текстот се споменуваат разрушувања на манастири од страна на Агарените. Но, поради тоа што во сите преписи овој сегмент со Турците не се среќава, сосем оправдан е ставот на Иванов кој смета оти овој сегмент е вметнат подоцна, а самиот текст датира пред XIV век. Во разновидните преписи на житијата и списите, Јоаким се ословува некаде како Осоговски (според планината Осогово), а некаде како Сарандопорски. Во однос на времето во кое живеел Осоговски има повеќе претпоставки. Според Иречек, Јоаким живеел во XI век, а умрел некаде кон крајот на истиот век.
Житието не посочува од каде дошол Јоаким во Осогово. Биографот забележал “светителот се устреми како многу светла ѕвезда од запад кон исток и пристигнал во Осоговските планини и пустини”. Свети Јоаким бил соподвижник на светите Прохор Пчински, Гаврил Лесновски и Јован Рилски. Тие еднаш решиле да се разделат и својот пат да го продолжат осаменички. Така, светиот Јоаким се нашол во подножјето на Осоговските планини. Тој се нашол во селото Градец, кај Паланка Криворечна. Бил примен во домот на некој благочестив болјар. Во разговорот со болјарот, светиот го прашал дали некаде низ Осогово има место погодно за подвизување. Тој му одговорил дека во планината е опасно, но во падините има место каде имало некоја пештера покрај реката Скупица. Свети Јоаким се заблагодарил и се упатил кон тоа место. Тој бил восхитен од подвизите на свети Игнатиј Антиохиски Богоносец, па затоа бил спремен за секакви услови: глад, жед, студ и други различни непријатности. Неговата блажена цел била што побргу да го заврши овој живот и да го добие вечното Царство. Така тој се подвизал до својот крај.

457137417_823413459906090_2186990846293115638_n
Еднаш некои ловци излегле да ловат, но ништо не уловиле и кога нажалени минувале покрај неговата испосница, тој излегол им покажал каде да ловат и тие уловиле како никогаш дотогаш. Подоцна имале напредок во целиот живот, се разбира по средбата и благословот на светиот. Затоа, по извесно време, тие решиле повторно да го посетат, но кога дошле во пештерата виделе дека Свети Јоаким веќе ја предал својата душа на Бога. Ловците веднаш достојно ги погребале неговите мошти во испосницата и често доаѓале на гробот да палат свеќи. Тоа било во 1105 година.
Педесет години по овој настан, свештеникот Теодор од селото Осмирдол се населил на истото место и откако се замонашил почнал да се подвизува. Го сменил и името од Теодор во Теофан. Еднаш на сон му се јавил Свети Јоаким кој му наредил неговите мошти да ги пренесе во манастирот и притоа не давал никој да биде ктитор, и дека тој самиот ќе го управува манастирот. Светецот по ова повеќепати се јавил со ова исто барање, дури и му го покажал дрвото од кое ќе биде направен ковчегот за моштите. Барањето на светецот, свештеникот Теодор со многу почести го извршил, но со овој чин си го навлекол бесот на локалниот болјарин, кој пак бил казнет од светецот со многу тешки казни.
Житието на Јоаким Осоговски го открива и неговото пророштво, Светителот рекол дека многу места и манастири ќе бидат опустошени од Агарените, но “моштите мои нема да се пренесат од ова место, ниту мојата црква ќе се запусти“.
Уште многу чуда се запишани во житието на Јоаким Осоговски, сторени од самиот Јоаким. Манастирот пак, Свети Јоаким Осоговски е изграден во времето на Византискиот цар Мануил II Палеолог, што значи меѓу 1143-1180 година. Важно е да се спомне и тоа дека во Осоговскиот манстир била негувана ракописната традиција, за што сведочат записите и ракописите, зачувани и до денес во многу словенски и европски библиотеки.

manastir
Ликот на Јоаким Осоговски во фрескосликарството бил мошне застапен, а негова најубава слика се наоѓа во село Псача кај Крива Паланка, насликана во 1358 година.
Малото гратче Крива Паланка е сместено на падините на Осоговските Планини каде и еден oд најубавите, најраскошните и најбогатите манастирски комплекси кај нас, Свети Јоаким Осоговски.
Крива Паланка е мало гратче сместено во североисточниот дел на Македонија, под Осоговските Планини. За неа се вели и дека е источната порта на нашата држава, бидејќи се наоѓа на тромеѓето со Србија и Бугарија, близу до граничниот премин со Бугарија, Деве Баир. Од најблискиот град Куманово е оддалечена 60 км, а од Скопје 100 км. Градот е поделен на северен и јужен дел со реката Крива Река. Името на градот потекнува од турскиот назив за Крива Река, Егри Дере (егри – крива, дере – река), и тоа бил стариот назив на градот. Со време зборот “паланка“ го заменил турскиот збор “дере“.
Инаку, Крива Паланка е еден од најмладите градови во Македонија. Под името Ерги Дере го основал турскиот везир Бајрам-паша, како утврда за заштита на важен карвански пат од Скопје за Софија. Во турските документи е забележано дека градот е основан во 1633 година по христијанскиот, односно 1403 година по муслиманскиот календар. Тој документ напишан на плоча со арапска азбука, чуван е на влезот во тврдината. Подоцна плочата е преместена во џамија, која се наоѓала во самиот центар на градот. Денес оваа плоча со датумот на основање на градот се чува во Историскиот музеј во Скопје.
Од историјата на градот значајно е Карпошевото востание од 1689 година, кога Крива Паланка и околината биле важно место за неговите востаници. По задушување на востанието отоманските власти спровеле масовен притисок на населението и насилни преселби во други краеви.
Во 19 век христијанскиот слој на својот грб ја понел преобразбата и развој на градот во град со христијански и православни манири. Добрата положба на која се наоѓа овозможила ова мало место да прерасне во поголемо населено место. Од 1918 година, градот за прв пат станува средиште на општина. Тогаш се изградени и неколку значајни градби: зградата на општината, офицерскиот дом, зградата на гимназијата, болницата итн. Направена е и првата регулација на коритото на Крива Река и првиот урбанистички план. Градчето почнало да добива изглед кој во основа го задржал и денес.
Скриен во тишината на Осоговските Планини, пак, на 3 километри од Крива Планка, на 800 метри надморска височина се наоѓа манастирот Свети Јоаким Осоговски. До него се стигнува по асфалтен пат со многу свиоци, а вие се воодушевувате од убавините на дабовата шума, која на крајот од патот го открива овој духовен храм, идеално место за одмор. Во овој амбиент далеку од градската врева се ужива во планинскиот воздух и може да се почувствува како некоја сила зрачи од немите градби и ве враќа во историјата. Свети Јоаким Осоговски е еден oд најубавите, најраскошните и најбогатите манастирски комплекси во државата, кој во своите гостински конаци има 80-тина легла. Посетителите можат да пробаат манастирска ракија и вино од сопствено производство, како и традиционални кривопаланечки специјалитети, кои можат да ги нарачаат од месното население, паланечкиот зелник, качамак, мекици и тавче-гравче.
Манастирскиот комплекс ги опфаќа двата храма Свети Јоаким Осоговски (Големата манастирска црква) и Света Богородица (Малата манастирска црква), главниот трикатен конак, камбанаријата во чие подножје се наоѓа коскарницата т.н. проодна зграда, туристичката зграда, летната бавча и летната кујна, стражарница, новиот конак и резиденцијата на Поглаварот на Македонската православна црква.
Манастирот е ставен под заштита на султанот Хамид во 1884 година. Овде постои ретко уникатно исламско обележје со кое Цариград го штител ова православно свето место од уништување. Сличен камен столб со турбан на средина постои само уште во Аја Софија во Истанбул, но овој во манастирот Осоговски по многу нешто е посебен, бидејќи и Турците некогаш се поклонувале пред чудотворецот Свети Јоаким. Имено, при напуштање на манастирот, турскиот војсководец со себе зел парче од моштите на светецот од отворениот ковчег и со војската тргнал кон Крива Паланка. Војниците забележале дека со него нешто чудно се случува. Кога го прашале што му е, тој немо и испаничено почнал да мавта со рацете покажувајќи им да се вратат назад во манастирот. И тој тргнал со нив, а кога стигнале, во ковчегот ги вратил земените мошти. Набргу му се вратила снагата и гласот. По ова необично случување и фактот дека близу Крива Паланка постои каурско светилиште, го известил султанот во Истанбул. Турците во манастирот испратиле нивен знак за заштита, дека манастирот не може да биде ништо друго освен тоа што е и уште подариле 5 килограми злато за покривање на штетата.
За манастирот Свети Јоаким Осоговски, испосник и чудотворец, се поврзани многу приказни и легенди. Една легенда вели дека во 11 век во Овче Поле живееле четворица монаси: Прохор, Гаврил, Јован и Јоаким. Тие живееле живот целосно посветен на христијанското учење, одделени од светот во една пештера. Кога наполниле по 30 години, браќата по вера решиле да се раздвојат и да продолжат да живеат пустински живот во пост и молитва. Јован отишол на планината Рила, каде и денес постои Рилскиот манастир. Прохор заминал во кумановското село Нагоричане, но луѓето му досадувале, па се повлекол во клисурата на Пчињска Река. Јоаким заминал во една пештера кај селото Градец близу Крива Паланка, но поради наезда на банди кои плачкосувале продолжил понатаму, на Осоговските Планини. Гаврил, четвртиот светец, своето место го пронашол во Лесново, каде и денес постои Лесновскиот манастир.
Во житието на Јоаким Осоговски пишува дека во времето на владеењето на императорот Маноил Комнен (1143-1180) некој свештеник Теодор од Овче Поле, откало се замонашил и добил монашко име Теофан, го основал манастирот и станал негов прв игумен. Тогаш изградил црква и ја посветил на свети Јоаким Осоговски. Во неа биле пренесени и моштите на светителот. Големата манастирска црква Свети Јоаким Осоговски е трикорабна базилика, со 12 куполи (7 мали и 5 поголеми), изградена од делкан камен. Влезот е на западната страна, а десно од него се наоѓа гробот со моштите на светецот на кого е посветена црквата. Во внатрешноста на црквата се поставени 6 камени столба, а светлината влегува преку двата реда прозорци. Црквата за четири години ја изградил мајсторот Андреја Дамјанов Зографски и завршена е во 1851 година. Фреските се дело на сликарот Димитри Антонов Поградишки, заедно со помошниците од селото Тресонче.
Најстариот објект во манастирскиот комплекс е малата црква Рождество на Пресвета Богородица, градена во XIV или XVI век, врз темели на црква од XI–XII век. Нејзиниот олтарски дел е во близина на пештерата во која живеел Јоаким Осоговски. Градена е со по два реда тули и еден ред камен во хоризонтални редови, со дебел слој малтер меѓу нив. Градбата ја карактеризира византиски стил и претставува една од првите средновековни цркви на тлото на Македонија. Црквата е целосно обновена при крајот на 19 век. Од најраниот слој на фрески, зачувани се само орнаментални фрагменти на северната страна на олтарот. Денешните фрески се од поново време. Иконостасот има две вредни икони, кој ги насликал најверојатно Христо Димитров. Покрај црквата се наоѓа извор за кој се верува дека има лековити својства.
Манастирот до ден-денес успева да ја задржи својата автентичност, но и да биде во чекор со времето, со обновување на старите објекти и внесување на потребните цивилизациски новини, кои привлекуваат голем број гости од земјава и од странство. Со години, со векови и денес доаѓаат луѓе од разни страни, со подароци и молитви, преспивајќи до гробот на светецот, да побараат здравје и милост Божја. Најмногу на празникот Голема Богородица. Посетен е и зиме, кога има снег.