Денешното интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со Гораст Чомовски во Трилинг на ТВ 24, предизвика бурни реакции во јавноста.
Имено, на констатација на новинарот дека Мицкоски сеуште не може да излезе од матрицата на Груевски, (според него и тој ги дели луѓето на наши и ваши), лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му посака на Чомовски да има чест да направи интервју со Груевски, на што новинарот остро одговори: “Немам потреба со криминалец да правам интервју”.
Претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој е коалиционен партнер на Мицкоски, во статус на фејсбук со недолични зборови го нападна новинарот Чомовски.
Јакимовски, спуштајки го својот речник на ниво на уличен, за новинарот напиша: “За жал со своето фациче наликува на жаба…“. И да е иронијата уште поголема, во истиот фејсбук статус, овој политичар пишува и дели лекции за домашно воспитување за на крај да заврши со реченицата: “Му честитам на Христијан на смиреноста, инаку малиот заслужи да го фати за прчестите ушиња малку да го поподигне и така на прсти да го исфрли во ходникот како што некогаш правеа учителите.”
Стевчо Јакимовски, кој потекнува од кривопаланечкото село “Подржи коњ”, сепак со години наназад е присутен во политичкиот живот во државата, како министер за труд и социјална политика и министер за економија во владите на СДСМ, потоа како градоначалник на општина Карпош во неколку мандати, членувал и бил на функции во повеќе политички партии, а од 2013г е на чело на ГРОМ, чудно, зошто е потребно искажување на толку голема злоба кон друга личност, по професија новинар.
Но, на Јакимовски ова не му е прв пат да упатува навреди кон новинарите.
При неговото спроведување од страна на финансовата полиција во 2018г пред Кривичниот суд, на прашање од новинарите нервозно им возврати: “Ма идите у пи**у матер.”
Тој при крајот на минатата година од страна на Основното јавно обвинителство, заедно со 10-тина други лица беше обвинет за повеќе кривични дела поврзани со работата како градоначалник, а одреден период претстојување и во куќен притвор.
По денешното омаловажување од негова страна кон новинарот Чомовски, со реакција се јавија и од ЗНМ.