Следниот месец се очекува да заврши обновата на делницата од селото Војник до Страцин и непречено се одвиваат планираните активности, истакнаа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски при денешниот увид на градежните работи.

– Еден од најзначајните капитални проекти, државниот пат Куманово – Крива Паланка, поконкретно делницата Куманово – Страцин претставува главна патна артерија за поврзување на Скопје со Совероисточниот регион во земјата. Вкупните средства што ги инвестираме за рехабилитација на овој патен правец изнесуваат 12 милиони евра. Денеска извршивме увид на рехабилитацијата од втората фаза на оваа делница од селото Војник до Страцин која е со должина од 16,6 километри, а инвестицијата е со вредност од 7,2 милиони евра. Според активностите на терен и информациите од изведувачот и надзорот оваа делница ќе се комплетира во текот на ноември годинава, изјави Бочварски.

Бочварски дополни дека со тоа се обезбедува нов, модерен и безбеден патен правец кој ќе им овозможи побрза и полесна комуникација на сите граѓани од овој дел на земјата. Истовремено, како што рече, засилено работиме на рехабилитација на делот Куманово – село Војник и очекуваме напролет следната година целиот овој патен правец комплетно да биде завршен.

Заклучно со третиот квартал реализацијата на капиталните инвестиции се движи над 68 проценти од основниот буџет на Министерството, што, според Бочварски, покажува силна динамика во изградбата на патиштата, водоводните и канализационите системи и гасификацијата.

– Владата е силно посветена на докомплетирање на целиот Коридор 8. Активно работиме на изведбата на експресниот пат од Ранковци до Крива Паланка, како и на изградбата и проширувањето со трета лента на патниот правец од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, посочи министерот Бочварски.

Вицепремиерот Николовски оцени дека непречено и со полна пареа се одвива рехабилитацијата на дел од делницата на државниот пат Куманово – Страцин, односно токму на патот од Куманово кон Крива Паланка.

– Целата рехабилитација е поделена во две фази, првата од Куманово до село Војник во должина од 15,2 километри и во износ од околу пет милиони евра, и оваа рехабилитација согласно договорот завршува во јуни следната година и е во интензивна фаза на реализација. Во втората фаза од село Војник до Страцин во должина од околу 17 километри односно инвестиција вредна околу седум милиони евра обезбедени од ЈП за државни патишта, рече Николовски посочувајќи дека овој дел е во завршна фаза и според динамиката се очекува најдоцна до крајот на следниот месец или средината на ноември истиот ќе биде завршен.

Додаде дека ставаат силен фокус особено на инфраструктурните инвестиции во североистокот на државата, и информира дека околу 100 милиони евра се инвестираат во патната инфраструктура во овој регион.

– Во полна пареа е изградбата на третата лента кон граничниот премин Деве Баир, проект во износ од 13 милиони евра кој претставува поврзување и порта на нашата земја со ЕУ и Бугарија. Во овој регион паралелно непречено се одвива изградбата и на експресниот пат Крива Паланка – Ранковце, проект тежок 58 милиони евра, а веќе е изграден односно се рехабилитираше на почетокот на овој мандат и државниот пат Ранковце – Крива Паланка во должина од 21 километар. Во овој регион следната 2022 година ќе се реализира, односно во завршна фаза е тендерската постапка за железничката линија Куманово – Бељаковце Бељаковце – Крива Паланка, овој проект беше ветување 30 години, дојде денот кога сите постапки завршуваат и токму оваа офанзива ќе биде значајна за македонската економија и истокот. Тече изградбата на втората фаза од експресниот пат Штип – Радовиш, забрзано се прави патот Крупиште – Кочани.

Во одговор на новинарско прашање Бочварски рече деа се работи на реконструкција на Искрин мост.

– Тоа е темелна реконструкција, очекувам до крајот на овој месец да биде пуштен за сообраќај под времен режим, а ќе продолжи и понатаму реконструкцијата со што темелно ќе биде завршен во целиот нареден период, информира Бочварски.