Судскиот совет оцени дека судската власт како една од трите власти е самостојна и независна и секое мешање од другите власти може да биде опасно за демократијата и владеењето на правото, порачуваат од Советот по најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека нивна цел е да го распуштат овој состав на Советот и да направат реформа.
– Судскиот совет не се впушта во коментирање и оценка на предизборни програми и ветувања на која било политичка партија, затоа што тоа е крајно несоодветно. Единствено Судскиот совет укажува дека судската власт како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна. Овој факт не го користиме како флоскула и одбранбен механизам. Мора да биде јасно и сите да бидат свесни дека секое мешање во судството и генерално во судската власт на кој било од носителите на другите две власти, носи со себе сериозна опасност за едно демократско општество, правната сигурност и владеењето на правото како вредности, стандарди и врвни приоритети кон кои како држава се стремиме на патот кон ЕУ – изјавија од Судскиот совет за „Слободен печат“.
Свесни сме за состојбите во судството, додаваат оттаму, за нивото на доверба и за сето што како недостаток му се става на товар на судството.
– Критиките ги прифаќаме. Меѓутоа, исто така убедени сме дека судството во Република Северна Македонија има капацитет да ги надмине состојбите без реформи и резови за кои никој не може однапред да ги предвиди ефектите кои ќе бидат предизвикани. Реформи заради реформи никому не му се потребни и истите само ќе ги вратат неколку чекори назад процесите и активностите кои Судскиот совет ги превзема во овој период, финансирани и со поддршка на меѓународната заедница преку проекти, а во насока на подобрување на состојбите во судството и се во напредна фаза. Само тогаш кога политичарите кои доаѓаат и си заминуваат од власт, ќе сфатат дека судската власт е столбот кој останува и не е марионета, ниту инструмент за остварување на нечии интереси, граѓаните ќе добијат судство какво што заслужуваат – порачуваат од Судскиот совет.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и очекуван иден премиер Христијан Мицкоски вчера повтори дека нивна цел е да го распуштат овој совет, како и Советот на јавни обвинители.