Се поверојатното зголемување на владејачкото мнозинство во Парламентот ќе и овозможи на Владата да земе здив од континуираните блокади на новите законски решенија. Иако на опозиционерите во ракав ќе им остане правото да опструираат преку поднесување стотици амандмани или пак да влијаат на дневниот ред и работата на матичните комисии каде се разгледуваат текстовите, власта овојпат ќе има сигурен кворум на пленарните седници.

Под претпоставка дека мнозинството ќе порасне до 65 пратеници, заедно со Кастриот Реџепи, избраниците од Алтернатива, па дури и со уште еден пратеник од БЕСА, веројатно ќе заминат во историја сликите на пратеници од мнозинството кои во скафандери, поради тенкото мнозинство, присуствуваа на гласањето за пакетот мерки за помош на граѓаните и компаниите. Во таков случај допрва ќе се преразгледува и соодносот во собраниските комисии, доколку се формираат нови пратенички групи.

Опозиционерите, а во прв план пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, со амандмани, но и со непојавување на седниците поставувајќи го во прашање кворумот, блокираа измени и дополнувања кои се носат и со просто и со апсолутно мнозинство. И покрај тоа што во прв план на овие измени беа граѓаните, сепак измените за зголемување на платите на наставниот кадар не дочекаа да бидат изгласани, потоа измените во Законот за работни односи и оној за трговија кои предвидуваа недела да е неработен ден. Дел од ваквите примери се и измените во Законот за служба во Армијата со кои војниците ќе имаат можност да добијат и 20.000 евра отпремнина по навршување на 45 години, како и Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица, со што ќе им се простат долговите на сите граѓани кон институциите, по основ на камати во висина од 100%.

Исчекор единствено беше направен на почетокот на годинава по средбата меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски, кога по договорот, од вкупно 36 блокирани законски измени, беа повлечени поднесените стотици амандмани од страна на ВМРО-ДПМНЕ за само девет закони, а за останатите останаа да сведочат амандманите на Левица, со што само се потврди координираната акција на двете опозициски партии.

Еден од блокираните закони беше и оној за личните карти, кои се усогласија со Преспанскиот договор и Законот за употреба на јазиците, а само од Левица пристигнаа 1.200 амандмани, кои оставија без документ за лична идентификација околу 30 илјади граѓани.

Прв нареден тест за опозиционерите, по што ќе се види дали за нив приоритет се граѓаните или пак партиските интереси, ќе биде изгласувањето на буџетот за 2022 година. Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски во изјава за Телма вели дека и покрај политичката криза и битката за парламентарно мнозинство тие ќе го поддржат буџетот дури и на пленарна седница, бидејќи е важен документ за граѓаните, но, како што дополнува Мицевски, ќе поднесат двесте амандмани. Сепак, за буџетот после десет дена расправа ќе мора да се гласа, но овојпат, ако се зголеми мнозинството ќе се избегне неизвесноста при донесувањето на буџетот за 2021 година, кога тројца пратеници од мнозинство беа заразени со коронавирусот, а опозицијата не дозволуваше Собранието да работи онлајн.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери неодамна изјави дека не очекува проблем при гласањето на буџетот на петти декември, бидејќи наскоро ќе се знае кој го има парламентарното мнозинство.

Но, останува и фактот дека партнерите на ВМРО-ДПМНЕ, односно пратеникот на Левица, Борислав Крмов најави дека со илјадници амандмани секојдневно ќе ги блокира законите кои во Собранието ќе ги предложи владејачкото мнозинство.