Градоначалничката Данела Арсовска во првите месеци од мандатот не работи ништо освен што нанесува штета на Град Скопје и неговите граѓани, изјави на денешната прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

„Нејзините лаги околу оправданоста на Бас рапид транзит системот се директно демантирани и од Европската банка за обнова и развој која одобри средства за финансирање на овој проект.

Од ЕБОР истакнуваат дека сите проекти вклучувајќи ги и БРТ системот, подложат на детални проверки пред да бидат одобрени.

Главната цел на проектот е значајно да се подобри нивото на услуги на јавен транспорт и да се помогне во намалување на загадувањето во Скопје, кој во моментов е еден од најзагадените градови во Европа, истакнуваат од Европската банка за обнова и развој за БРТ системот“, посочи Кузеска.
„Проектот Бас рапид транзит е разгледан од Европската банка за обнова и развој а оценката за неговиот импакт е оценета со 70, на скала од 0 до 100, со што тој е на граница помеѓу добри и силни проекти оценети од Банката.

Стопирањето на овој проект од страна на Арсовска заради лични хирови, не само е на штета на градот и скопјани, туку директно го поткопува меѓунардониот углед на Град Скопје.

Арсовска кончено треба да почне да работи и наместо да ја партизира градската администрација, да ги продолжи проектите оставени од претходниот градоначалник, а кои се во насока на забрзан развој на градот.

Арсовска доби доверба да ги решава проблемите и да реализира проекти, а не да поништува проекти“, истакна Кузеска.