Дел од нивите во делчевско кои ги купила ЕВН Електрани, случај за кој предистрага водат Управата за финансиска полиција и ОЈО Скопје, компанијата ги платила 40 пати поскапо од пазарната вредност. Лицата кои ги продале нивите ги добиле на подарок само три недели претходно.

Дел од инволвираните извршувале различни функции како кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата тврдат дека не знаат кои лица се опфатени со случајот, но и дека станува збор за „злоупотреба на системот“. СДСМ обвинува дека парите од измамата завршиле во „белиот дворец“.

Во Македонија сонцето „раѓа“ дури 280 сончеви денови годишно. Но, по неодамнешните избори, на повидок е скандал кој би можел да покаже дека потенцијалот на соларната енергија во земјава бил искористен за поинакви цели. За очите и ушите на јавноста, случајот се појави во раните часови на денот кога требаше да се гласа недоверба на владата, 11 ноември. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, обвини дека Финансиската полиција прави претрес кај него дома.

„Ако била целта мене да ме заплашат, да ми направат притисок длабоко се лажат, ова за мене се едни очајни обиди на една хунта во заминување“

изјави тоагаш Јован Јаулевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Набрзо стана јасно дека претресот не бил извршен во домот на пратеникот Јаулески, туку кај неговиот татко.

„Предистражната постапка се однесува на вработени во ’ЕВН електрани‘ ДООЕЛ и ’ЕВН Македонија‘ АД Скопје“,

рекоа пред неколку дена од Финансиската полиција.

Пријавата до Финансиската полиција ја поднел вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, по информации добиени од Општина Делчево – дека има малверзации со земјиште на кое ЕВН Електрани треба да гради фотоволтаични централи.

„Доставените материјали укажуваа на постоење на индиции за незаконитости и проневери во милионски суми од организирани групи.“

изјавија од кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски.

360 степени“ дојде до дел од документите и луѓето на кои, меѓу другото, им успеало метар квадратен земјиште кое вреди 20 денари, да го продадат и за 800 или 40 пати поскапо.

дел од нивите кои ЕВН ги купил и по 40 пати повисока цена од проценетата

Живописни, но речиси напуштени се селата на север од Делчево. Нивите во околината на кои, сепак, се уште се работи земјоделство, немаат речиси никаква пазарна вредност. Можеби токму тоа била причината за ЕВН Електрани, фирма ќерка на ЕВН Македонија, да купи некои од овие парцели за да гради фотоволтаични централи.

Бизнис логиката е едноставна – владата нуди премии за електрична енергија добиена од сонце, а еден од условите е електраната да биде на земјиште кое е во сопственост на производителот. На прва, ништо спорно, но документите до кои дојде „360 степени“ откриваат поинаква приказна.

дел од договорите за продажба на земјиште на ЕВН Електрани Македонија.

Во Делчево, ЕВН Електрани купиле најмалку 7 парцели. Две од лицето Дарко Т. За вкупно 6 780 м2 му платиле 5 152 800 денари, односно близу 85 000 евра, или во просек 760 денари по метар квадратен.

Уште пет парцели купиле од лицето Влатко И. За вкупно 38 243 метри квадрати му платиле 30 629 220 денари, односно половина милион евра, или во просек по 800 денари за метар квадратен.

Договорите на ЕВН Електрани со Влатко И. и со Дарко Т. се склучен на ист датум – 21 септември 2021 година, неполна недела пред стартот на кампањата за локалните избори. Со договорите, ЕВН Електрани се обврзале да ги исплати продавачите во рок од 15 дена од склучувањето на зделката.

Она што е сомнително е дека и Влатко И. и Дарко Т. станале сопственици на нивите непосредно пред да ги продадат на ЕВН.

дел од договорите за подарок на недвижен имот

Документите со кои располагаме за две од нивите кои Влатко И. и ги продал на ЕВН Електрани на 21 септември, покажуваат дека тој ги добил во своја сопственост само три недели порано, на 1 септември. Велиме ги добил, затоа што не ги купил, туку му ги подариле претходните сопственици, за беспари. Уште истиот ден, Влатко И. поднел даночна пријава за утврдување на данок на наследство и подарок, кој изнесува 5%. Во тие документи може да се види и колкава е проценетата вредност на нивите. Ако таа вредност се подели со бројот на квадрати, се доаѓа до заклучок дека проценетата вредноста за едната нива е 15 денари, а за другата 20 денари за метар квадратен. За потсетување, ЕВН ги купува за 800 денари по метар квадратен само три недели подоцна.

„360 степени“ отиде и на адресите на дел од инволвираните. Прво, бевме кај едно од лицата кое му дарувало имот на Влатко И. Не го најдовме дома.

Потоа, се обидовме да ги најдеме лицата кои ги продале нивите на ЕВН. Влатко И. Го побаравме по телефон, но не беше достапен.

Со Дарко Т. се сретнавме лично. Прифати разговор, но не пред камера. Ни кажа дека веќе бил повикан да даде исказ во Финансиската полиција уште пред две недели, дека му се одземени мобилни телефони, но и дека парите се уште му се на сметка и не му се замрзнати. Не гледа ништо спорно што купувал поевтино и продавал поскапо, негира дека имал доушници и дека акцијата е организирана.

По трагата од наводите на Финансиската полиција дека предистражна постапка се води и против лица во ЕВН Електрани, се обративме и до компанијата.

„Не даваме изјави додека не заврши истрагата, бидејќи соработуваме со Финансиската полиција.“

ни одговорија од ЕВН Електрани.

Повеќе детали за случајот не добивме ниту од општина Делчево, со истото образложение – не споделуваат информации додека трае истрагата. Но, можно е и купопродажбата на нивите во Делчево да е дел од поголем случај. Неофицијално, ЕВН електрани има обезбедено најмалку 15 локации низ цела држава за изградба на фотоволтаични централи. Сепак, институцијата која ја води постапката, Управата за финансиска полиција, не сподели нови детали.

Се обративме и до Основното јавно обвинителство Скопје, бидејќи во едно од соопштенијата Финансиската полиција објави дека соработува со оваа институција. Од таму ни одговорија дека попладнево пристигнале записниците и известувањата за извршените претреси од страна на Финансиската полиција.

ОЈО Скопје … издаде наредби за обезбедување докази. Се постапува за да се направат неопходните проверки по претходно добиени сознанија за извршени сомнителни трансакции на парични средства помеѓу ЕВН ЕЛЕКТРАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица … Обвинителството не е во можност да споделува детали за дејствијата кои се преземаат во оваа фаза од постапката“,

ни одговорија од Основното јавно обвинителство – Скопје.

И додека општината, Управата и Обвинителството се резервирани за детали, целиот случај може да добие и дополнителна димензија поради личните биографии на дел од лицата вклучени во зделката.

На договорите со кои ЕВН Електрани го купува земјиштето, во име на компанијата, како управители се јавуваат лицата Мирослав Митровски и Игор Гиевски од Скопје. Митровски не е познат во јавноста надвор од својата област на работење, но Гиевски има политичка кариера. Тој е поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен советник во Град Скопје од редовите на истата партија. Едниот продавач, Дарко Т., исто така има врски со ВМРО-ДПМНЕ, бил советник во Општина Делчево од 2013 до 2017 година. Продавачот Влатко И., пак, според објави на Твитер од почетокот на годинава, бил или е член на обезбедувањето на лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.

Владејачката СДСМ, без да соопшти детали, вчера обвини дека профитот од зделките завршил во ВМРО-ДПМНЕ.

Славјанка Петровска, пратеничка во Собранието од СДСМ.

„Постои основано сомнение дека на крајот овие црни пари завршиле во белиот дворец.“

изјави пратеничката од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, на 14 ноември 2021 г.

Од ВМРО–ДПМНЕ и понатаму тврдат дека целиот случајот е „злоупотреба на системот“. За инволвираните лица, немале информации кои се тие.

Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ги немам целосните информации за тоа каква предистрага е отворена, но очигледно е дека таа се отвори во период кога требаше во Собранието да се гласа недоверба на Владата и тоа е уште еден показател како институциите на власта го злоупотребуваат системот, го злоупотребуваат апаратот на присила за да можат да ги уценуваат, да се закануваат и да им наштетуваат на пратениците. Немам информации кои се инволвирани во таа предистрага и немам информации дали тие лица кои не се спомнати во јавност се или не се членови или активисти или поддржувачи на партијата.“

изјави Стефан Андоновски од ВМРО – ДПМНЕ.

Дали делчевските ниви ќе станат соларни електрани, ќе зависи од следните чекори и наоди на Финансиската полиција. Но, веќе е јасно, дека тоа не е единственото прашање на кое се чека одговор. За јавниот интерес поважно е – како и зошто нивите менувале сопственост пред да бидат продадени на ЕВН, дали профитот завршил во џебот на купопродавачите или можеби се користел во кампањата на политичка партија, нелегално, што е една од претпоставките што се проверува во предистрагата што се води.