Владата на Република Северна Македонија на денешната седница донесе одлука со којашто се овозможува бесплатна замена на важечките возачки и сообраќајните дозволи за граѓаните на Република Северна Македонија. Во таа насока задолжено е Министерството за внатрешни работи да ги преземе соодветните правни акти, согласно што возачките и сообраќајните дозволи коишто треба предвремено да се заменат, ќе бидат без надомест.

Исто така, на седницата е задолжено и Министерството за надворешни работи, да ги преземе соодветните активности со коишто ќе се овозможи издавање без надомест на патните листови за сите државјани кои живеат надвор од Република Северна Македонија и имаат потреба да се вратат за да извадат патни исправи.

Дополнително МНР е задолжено да ги преземе потребните активности, таму каде што нема дипломатско-конзуларни претставништва, издавањето на патните листови да се олесни и доставата на патниот лист ќе може да биде извршена преку брза пошта.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за образование и наука за давање позитивно мислење за основање на општинското основно училиште во општина Чашка како трајно решение и даде позитивно мислење.

Наставата на сите ученици во основното училиште „Тодор Јанев“ во општината, времено, односно до крајот на учебната година, ќе се реализира во постојниот објект и по адаптирани наставни програми.

Решението за продолжување на воспитно – образовниот процес во училиштето, на сите ученици и на нивниот мајчин јазик е изнајдено преку дијалог инициран од премиерот Талат Џафери, во координација на Министерството за образование и наука, а со учество на пратеници од сите политички партии, претставници на локалната самоуправа и засегнатите страни за решавање на прашањето.

Владата, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донесе Уредба за изменување на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и за начинот на директните плаќања за 2024 година.

Измената на Уредбата е во насока да овозможи право за субвенции на сите земјоделци, кои во месеците за време на изборниот процес, имаат истечени или ќе им истечат договорите за закуп на земјоделско земјиште. Земјоделците правото на субвенциите ќе можат да го остварат врз основа на старите договори. Продолжувањето на договорите ќе се изврши веднаш по завршувањето на изборниот процес, продолжувајќи се на 15 години согласно последните измени во законот за земјоделско земјиште.

Владата, на предлог на МЗШВ ја донесе и Програма за спроведување Интервентен фонд во земјоделството за 2024 година.

Станува збор за отворена програма преку којашто може да се креираат мерки за поддршка на секој еден земјоделец, секогаш кога ќе се појави потреба од тоа. Во Програмата, во моментов, се креирани две мерки за поддршка на земјоделците. Едната е финансиска поддршка за сончоглед предаден во регистрирани капацитети за откуп, директно или преку еден откупувач. Предвидено е земјоделските стопанства да се поддржат со 5 денари по предаден сончоглед кај регистрирани откупувачи. Другата е финансиска поддршка за откупено винско грозје и произведено од сопствен насад од страна на регистрирани производители на вино кои истовремено се регистрирани откупувачи на винско грозје и го преработиле во сопствените капацитети за производство на вино. Предвидено е поддршката да изнесува 1 денар по килограм откупено винско грозје како и произведено од сопствен насад од реколта 2023 година, со максимален износ по корисник за оваа подмерка е 6.000.000 денари. Дополнително во текот на годината ќе се креираат мерки за финансиска поддршка во сточарското производство, каде што ќе биде потребна интервенција за да се намалат загубите од работењето на земјоделските стопанства.

Донесена е и Програма за финансирање на земјоделски производители на храна за 2024 година и Програма за финансирање микроземјоделски производители на вино за 2024 година.

Со овие програми се обезбедува грант поддршка до 10.000 евра за малите производители на храна и за малите винарии, како и поддршка за набавка на опрема за производство.

Владата, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донесе и Програма за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2024 година, со коишто се овозможува поддршка и на: централната манифестација Ден на лозарите – Св. Трифун 2024, организацијата на манифестација Ден на Станушината (Stanushina Day) за афирмација на единствената македонска автохтона сорта на винско грозје и организацијата на Вински маратон „Wine and Run“.

На денешната седница, Владата го утврди текстот на Предлог на Закон за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата.

Охридското Езеро, според предложеното од ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање, се прогласува за споменик на природата заради геоморфолошките и хидролошките карактеристики, исклучителните природни вредности како дел од Светското природно наследство на УНЕСКО и еден од најважните рефугиум центри на биолошката разновидност во европски и светски рамки.

Со прогласување на Споменикот на природата – Охридско Езеро се овозможува:

– заштита и зачувување на природната состојба на Охридското Езеро преку заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и европско значење и заштита на другите природните вредности;
– спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите;
– создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и
– одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.