“Категорично и одговорно тврдам дека со премиерот Зоран Заев сум имал средби кога гостувал во 1ТВ и сум имал средби во врска со активности поврзани со Meѓународен Сојуз Скопје, категорично и одговорно тврдам дека никогаш со премиерот Зоран Заев не сум имал разговори поврзани со таканаречениот случај ‘Рекет” – ова е само еден дел од затвореничкото писмо кое во месец август 2019 година, Бојан Јовановски од притвор преку своите правни бранители го испрати до јавноста.
Нејасно е под какво влијание потпаднал Бојан Јовановски и дали како крик на очај и револт бидејќи барал, а не бил спасен од поранешниот премиер Зоран Заев, денеска по изрекувањето на пресудата во случајот “Рекет” го спомена Заев како инволвирано лице во истиот случај. Писмото е напишано своерачно, при здрава свест и на него стои полно име и презиме и потпис на Бојан Јовановски.
Нејасно е дали некој друг ентитет кој сака да оствари политичка корист во меѓувреме му ветил нешто на Јовановски, но очигледно е дека Јовановски денеска заборави што кажал и самиот во неговото лично писмо, но јасно е дека единствен бенефит од ваквиот испад на почеток на изборна кампања има единствено ВМРО-ДПМНЕ?! Можеби му е ветена помош, а Бојан Јовановски за возврат го погази својот збор и се обиде да фрли дамка на угледот на Заев.
Она што никако не не смее да се заборави е дека случајот беше пријавен токму од Зоран Заев, а во меѓувреме целата јавност беше сведок на низа преписки во кои Јовановски инсистира на средби со Заев.
Прочитајте го писмото за нештата да станат уште појасни:
“Во врска со таканаречениот случај ‘Рекет’ каде јас, Бојан Јовановски првоосомничен, чувствувам неопходна потреба да се обратам на јавноста во ова кусо соопштение. Ова соопштение го проследувам до сите домашни и странски медиуми преку своите бранители и замолувам да биде пренесено целосно и неселективно.
Во изминатиов период, по започнувањето на случајот ‘Рекет’ сум изложен на незапомнет линч кој е проследен со тенденциозни, безсмислени и измислени лаги и конструкции кои се пласираат во јавноста преку медиумите и преку поединци.
Во овој изминат период целосно е заборавено и не се почитува начелото на презумпција на невиност.
Во ова соопштение немам намера ниту да ја докажувам својата невиност во случајот ‘Рекет’, ниту да изнесувам детали кои би попречиле на истражната постапка. Својата невиност во случајот ‘Рекет’ ќе ја докажувам низ истражната и правната постапка.
Во ова соопштение сакам да издвојам неколку непобитни факти со цел да се запрат тенденциозните текстови, шпекулациите и невистините.
Во однос на нелегално снимените аудио и видео материјали од страна на лицето Јордан Камчев и истите тие нелегални материјали дистрибуирани во странски медиуми, во ова соопштение нема да изнесувам поединости и детали, само ќе потенцирам дека се селективно и тенденциозно презентирани со цел да направат компромитизација, дискредитација, уцена и безредие.
Вистината е сосема поинаква! Но, во интерес на истрагата нема да издвојувам повеќе детали.
Кусо ќе нагласам дека специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева делувала во секој момент согласно закон и никогаш во ниедна комуникација не ја злоупотребила својата службена положба.
Вистината е целосно различна од се она што се пласира во јавноста.
Во еден од тие нелегално снимени материјали се наведува дека јас го споменувам премиерот Зоран Заев. Категорично и одговорно тврдам дека со премиерот Зоран Заев сум имал средби кога гостувал во 1ТВ и сум имал средби во врска со активности поврзани со Meѓународен Сојуз Скопје, категорично и одговорно тврдам дека никогаш со премиерот Зоран Заев не сум имал разговори поврзани со таканаречениот случај ‘Рекет’.
Неговото име кое се споменува е извадено од контекст со цел дискредитација и компромитација. Во разговорот кадешто јас го споменувам името на премиерот Зоран Заев бев наведен од страна на соговорникот кој постојано инсистираше да го споменам неговото име и постојано поставуваше прашања за Зоран Заев, а јас непромислено сум го споменал неговото име, Зоран Заев, со цел да добијам на важност во разговорот со Јордан Камчев.
Во однос на грубите и бесмислени текстови кои се пласираат низ балканските медиуми дека јас сум имал некакви (непостоечки) докази поврзани со премиерот Зоран Заев и косовски политичар, Хардинај (кој патем, не знам ни како изгледа), ги отфрлам целосно, како бесмислени, категорично тврдам дека се груби лаги и ги осудувам како крајно непрофесионални и трагични за новинарската професија.
Во однос на тенденциозните шпекулации дека јас сум поседувал слики од СЈО, ги отфрлам целосно и категорично како невистинити.
Сакам да потенцирам дека ниту јас, ниту мојата мајка, ниту било кој друг од моето семејство има било какви докази.
Апелирам и замолувам да го оставите на мира моето семејство нанесувајќи им штета и загрозување на нивната безбедност со овие груби лаги.
Апелирам и замолувам, како рамноправен граѓанин на оваа држава, сите надлежни институции да ги превземат сите законски форми на заштита за безбедност за моето семејство” – напиша во своето затвореничко писмо до медиумите Бојан Јовановски.