Дали Александар Наковски, кадар на Јанушев и Мицкоски вработен во МВР, е главниот журкаџија и организатор на забавата во кратовска Куклица на која осум полицајци од полициска станица Кратово беа приведени вчера вечер од нивни колеги специјалци од МВР?!

МВР го потврди настанот, а тоа значи дека додека ние очекуваме во услови на пандемија да проработи јавната свест, пулени на МВР наместо да бидат пример за граѓаните и да санкционираат прекршоци, тие и самите ги прекршуваат сите анти-корона мерки за негрупирање и одржување дистанца.

Според неофицијални информации, група припадници на МВР правеле журка со гласна музика во куќа во селото и археолошкото наоѓалиште Куклица, на влезот од Кратово. Настанот бил пријавен во локална полициска станица заради големата бука, музика и врева во доцните ноќни часови. Кога полицијата излегла на терен да постапи, веселата дружина полицајци давала отпор, па била повикана и Единица за брзо распоредување која ги уапсила распеаните колеги.

Нејасно е прашањето на што се потпира таа комоција и слобода на веселите журкаџии, односно дали и тие се потпираат на меките политики за неказнување на првиот полицаец Наќе Чулев?!