Ги гледам газдите на кафетерии и ресторани, вчера се бунат дека немале да ги користат предложените мерки, ќе ги отпуштале работниците.

Гледајки и слушајки го ова вчера, се присетив на период пред четири години кога работев како келнер во еден ресторан во Скопје.

Работевме во смени. Имаше толку многу работа што иако бевме најчесто по седум келнери во смена, плус двајца шанкери и кујна, тешко се постигнуваше, бидејки имаше дневна шема а навечер жива музика. Дома кога ќе отидев, чорапите со патиките/кондурите ми беа залепени. Нозете не ги чувствував. Така беше секој ден. Тешко и напорно.

Без право на одмор и без награди. Пријавени на минималец. Останатото на рака. А промет, во “вреќи”…

Многу пати ми доаѓаше да ја напуштам тешката работа, но немаше од каде да си ја плаќам киријата за стан кој го делев со други двајца цимери, додека студирав вонредно.

Никогаш нема да заборавам еден момент, кога газдата ми пријде и ми кажа дека овој месец ќе бидам казнет, затоа што премногу сум давал фискални сметки. Требало да се придржувам кон “договореното”, да се куца ептен малку. Останатиот промет во кеш да се дава на одговорниот на смена. Го слушав и неверував, си викам ова е сон, не е реалност. Но не било така, тој месец добив 6.000 денари помалку, на рака се разбира.

Да, 6.000 денари бев казнет од мојот газда, не затоа што не сум куцал сметки, туку затоа што “премногу” сум куцал.

После некое време сам напуштив бидејки ми излезе шанса да заминам во странство. Завршувањето на факултетот го одложив за кога ќе се вратам.

Пред четири години, јас заминав по белиот свет а поранешниот газда секојпат кога ќе го отворев неговиот инстаграм профил, објавуваше само фотографии од скапи автомобили, луксузни патувања, скијање во Копаоник, среќни, насмеани со семејството…живот каков што секој би посакал.

И сега, кога дваесетина дена се затворени заради кризата со короната, која ја зафати цел свет, веднаш излегуваат угостителите и бараат државата целосно да им ги платела обврските, во спотивно ќе ги отпуштеле вработените.

Да се разбереме, јас сум во странство и политиката воопшто не ме интересира. Но сите тие угостители кои реално во најладните зимски месеци им се дозволува да во нивните локали се пуши, да знаеја барем едно БЛАГОДАРАМ да кажат на сегашниве или на предходните што им дозволуваа да не го куцаат целиот промет туку само дел. Не, тие тоа никогаш не го ценеле, нема ни сега да го ценат. Затоа, кога ќе помине оваа криза, без разлика дали е техничка или незнам каква влада, треба постојани и ригорозни контроли за да се научат на ред и да знаат дека во одреден период кога сите сме биле клекнати на колена, тие барале преку леб, погача.

Писмо од читател