Во период кога на Македонија ѝ е неопходен широк консензус, заеднички ставови на релевантните политички партии и лидери, интелектуални и деловни елити и на мнозинството граѓани, за обврските кои произлегуваат од преговорите за членство во ЕУ, се навестува целосна блокада на Парламентот. Ваквиот заговор на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица за минирање на работата на законодавниот дом не може да се нарече поинаку освен мораториум на умот.

Еднонационален референдум за поништување на склучен и ратификуван договор со Бугарија при почнати преговори со ЕУ, одлука донесена во Брисел врз основа и на договорите со Грција и со Бугарија, во суштина е обид за парализа на процесите за европеизација на Македонија, најзначајниот државен интерес. Доведувањето во прашање на одлуката на ЕУ за почеток на преговорите, заснована, меѓу другото, и на веќе склучениот договор со Бугарија, не значи ништо друго, туку антидржавен чин кој ги оправдува сомнежите за субверзивно надворешно влијание.

Заканата за дестабилизација на државата и спречување на парламентарната демократија не може веќе да биде гледана од агол на вообичаен политички натпревар меѓу власта и опозицијата.

Умислени револуционери

За радикални методи, особено ако има докази за надворешни влијанија, неопходни се и соодветни одговори кои се содржани во Уставот и законите. Авантуристички игри со иднината на државата од умислени „револуционери“ во име на демократијата е кардинална грешка која на крајот паѓа на одговорност на тие што ги имаат сите механизми во рацете за одбрана на стабилноста на државата и остварување на стратегиските цели и приоритети.

Несреќата е во тоа што во Македонија непречено, со злоупотреба на демократијата, е создаван амбиент со лаги и манипулации за извршено велепредавство и распродажба на идентитетските посебности на македонскиот народ, националната припадност, македонскиот јазик и историското минато, за на крајот да се стаса до опасноста од асимилација и бугаризација, бескруполозна манипулација, која, за жал, ја прифатија и академски средини кои беа најповикани научно да ја образложат оваа застрашувачка партиска пропаганда. Напротив, и некои научници влетаа во академски расправи потпирајќи се на невозможната асимилација во сопствената држава. Секогаш резултатот е трагичен кога политиката влегува во науката. Полошо е само кога научните инститиуции и научниците се партизираат.

Целата колумна на Ерол Ризаов за Дојче Веле на следниов ЛИНК.