Антифашизмот не е само политичко движење. Човек не мора да биде дел од организирана структура или група, за да биде антифашист. Тоа не мора да биде јавно декларирана позиција, ниту пак тоа може да биде професија.

Тоа е состојба на умот, начин на кој се однесуваме кон сите состојби, настани, процеси и појави во општеството.

Но тоа што сигурно не може да се каже за еден/една антифашист-ка е дека тој или таа сигурно не ги задржува своите ставови и мисли само за себе. Антифашизмот подразбира и гласно изразување на ставовите, борба против злото што го носи фашистичката идеологија и сè што ѝ е блиско – нацизам, станилинизам, рашизам, ултранационализам, расизам…

Затоа, антифашизмот подразбира и борба против сè зад што стои крајната десница. Како и да се нарекува себеси, како и да ги „пакува“ своите идеи и политички програми, крајната десница неминовно се приближува или води кон фашизмот.

Фашистите постојано глумат „жртви“ и секогаш само „се бранат“ од „наездата“ на тие што изгледаат, мислат, говорат или живеат поинаку од тоа како тие ги замислуваат општеството и државата. Во основата на нивното дејствување се поделбите, дискриминацијата, омразата и насилството.

Човештвото се бореше против фашизмот во минатото, се бори и денес. Втората светска војна беше дел од таа борба на човештвото со најмрачните идеологии во историјата. Таа војна однесе 60 милиони животи и донесе неизмерни страдања и разурнувања. Крајот на таа војна не донесе мир, слобода и еднаквост за сите. Многу нации во светот останаа под јаремот на тоталитарните режими кои во голем дел, ако не и целосно, се совпаѓаат со фашистичките или фашизоидните идеологии.

Денес сме соочени со нова крвава војна во Украина. Но тоа е истовремено и војна меѓу слободниот свет и рашизмот на Путин. Се водат политички битки и низ цела Европа – крајната десница е во подем.

На почетокот на Втората светска војна, повикот на борба против фашизмот луѓето го почувствуваа како внатрешен морален и длабоко човечки стремеж за слобода. Тој повик го чувствуваат и денес. Различни по идеолошки и политички ставови и ориентација, различни и по етничка, верска, расна и културна припадност, со различен социјален статус, сексуална ориентација… Различни, но обединети во стремежот за слобода и еднаквост меѓу луѓето.

Борбата продолжува!

Џабир Дерала за Фронтлајн