Од дневникот на Космонаутко или „Сестра Космонаутко“
Од мал или да речам нешто поголем од мал најголемата желба во врска со „што сакам да бидам кога ќе пораснам“ беше да работам на судска медицина (се запишав на Медицински факултет, стигнав до 1/3 и сега судската ми е на ТВ во CSI 😂)
Си останав медицински техничар или како што секогаш си се зафркавам на своја сметка – јас сум сестра и баш симпатично ми звучи.
И воопшто не жалам што немам диплома, тоа што сум, тоа што го работам едноставно го обожавам. Особено во оваа изминатава година и кусур преку теренска потрага по короната и моментално вакцинацијата како дел од Епидемиологија. Впрочем не е ни битно каде и на кој дел. Едноставно – работиш.
ССС IV-ти степен Медицинска сестра – техничар за мене e една од најубавите струки. Дел си од здравствената нега која на луѓето и тоа како им е потребна. Професионално, но сепак си дел од нечиј живот, од твојата совесна, одговорна и секако стручна работа често зависи и понатамошниот дел од нечиј живот.
Секако дека работата на медицинските сестри е со различна тежина на различни работни места. На некои места дури и исцрпувачка. Но чувството на излекуван и насмеан пациент секогаш ја потиснува тешкотијата со која моите колеги и колешки се среќаваат. Тоа чувство кое нас не` исполнува, чувство кое ни ги исполнува срцата и душата со пријатна емоција која нема дефиниција, е тоа чувство е бесценето.
Во периодов на долгомесечното присуство на вештерката нема поубава сатисфакција и поголем мотив, посилен елан за работа и ветер во грбот од она „оздравев, шуќур помина се“, „излегов од болница со одлични резултати“ и слични милозвучни реченици.
Во семејството имам неколку медицински лица. Гледајќи ги нив и нивната работа бев воодушевен од нивниот начин на функционирање, од нивниот пристап, нивната сигурност и знаев дека мојот правец е натаму. Знаев дека ќе им треба сестра во фамилија 😁
Она за што се определив после основно во далечната 1986, она што го работам е она што го сакам, го работам со голем кеиф и љубов. Верувам дека ако не 100 барем 95% од медицинските сестри исто така работат затоа што не можеш да работиш нешто што е поврзано со човек, со неговото здравје, а да не го работиш со вистинска посветеност и чувства.
Се гордеам со сите мои колешки, со нивното справување со секојдневните предизвици и чест ми е што сум дел од таа фела.
Нека ни е честит 12-ти мај, Меѓународниот ден на медицинските сестри.
Гуш и бац од сестра Денко Космонаутко
ФБ статус на Денис Јанкуловски