Ако властите практикуваа ригорозна казнена политика, работите ќе стоеја многу поинаку.

Ако, на пример, казната за неносење заштитна маска изнесуваше 100 евра, ако непочитувањето на полицискиот час се казнуваше со приведување и изрекување прекршочна казна од 1.000 евра, ако организаторите и учесниците на „корона“ забавите директно се носеа во суд и по итна постапка им беа изрекувани ефективни затворски казни, чаламџиите ќе пееја друга песна. Не по една маска, туку како попчиња ќе носеа по три и уште ќе побараа полицискиот час да почнува два часа порано.

Ако со одбивањето да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од коронавирусот, дотичните (не)свесно одбрале да се (само)убијат, нивно право е да го направат тоа. Само што ќе треба да одберат подруг начин, со кој нема да ги загрозуваат здравјето и животот на оние другите кои одбрале својот животен пат да го изодат до крај.

Верувам дека кажаното кај многумина ќе предизвика „згрозување од недемократскиот капацитет на авторот и неговата заложба за згаснување на слободарската мисла“. Што, се разбира, само по себе е глупост пар екселанс.

Неброено пати сме рекле дека ако како народ по нешто сме познати, тоа се нашите двојни аршини и краткото паметење.

Бидејќи, да ја дефинираш актуелната Влада како режимска, а притоа да заборавиш дека претходната власт на ДПМНЕ 11 години незаконски прислушуваше десетици илјади граѓани, местеше избори, со камери апсеше и затвораше неистомисленици и политички противници, тепаше новинари и пратеници, со хилти и динамит рушеше објекти на бизнисмени од различна политичка провиниенција, рекетираше фирми, нарачуваше и прикриваше убиства, трампаше избирачки гласови за бесплатно „ин витро“… делува и премногу субјективно, наивно и нереално.

За разлика од времето во кое живееме, кога отсуството на емпатија и солидарност и непочитувањето на Уставот и законите станаа начин на однесување, во претходната држава таквите примери беа изолирани случаи. Оти постоеше ригорозна казнена политика, која не знаеше за компромис и меѓупартиски договарања „под маса“.

Целата колумна на Зоран Милошески за Публикум на следниов ЛИНК.