И ете, веќе две години пишуваме и говориме македонски, во македонска држава во која живеат Македонци, се разбира и сите други заедници. Не сме ФИРОМ-ци, не го говориме јазикот, некојси, на ФИРОМ, не живееме во ФИРОМ или БЈРМ држава. Тие кратенки што подразбираа припадност кон непостоечка држава, заминаа во историјата на 17 јуни 2018 година. Навистина, кратенката, „привремената референца“ што ја носевме речиси три децении како пердуви на казнети и посрамотени или како ознака на вирус, болештина, во себе упатуваше дека не сме дел ни од самите себе, туку од поранешна, непостоечка држава, распадната низ ѕверско крвопролевање. Бевме светски потсетник на болест, распаѓање. Тоа веќе не сме.

Можеше ли да биде подобро? Секако дека можеше, макар малку, да не беше криминално-лудиот националистички и кичерајски проект Скопје 2014. Да не беше социјалниот инженеринг, прво амебите, па ние, да не беше фабрикувањето на неквалитетна и плитка, а секако крадлива историја и сегашност… Секако дека ќе беше барем за нијанса подобра нашата позиција во последната фаза на преговорите за надминување на апсурдниот тридецениски грчко-македонски спор.

Мора да се одбележи, да не беше криминалниот и налудничав режим кој го одржуваше мачниот ФИРОМ-ски статус-кво, тоа ќе му помогнеше и на добриот Алексис Ципрас да направи и повеќе отстапки и да не ја плати високата политичка цена за својата отвореност и пријателство – со изборен пораз во Грција. Веднаш по договорот во Преспа, нашиот пријател Алексис ќе добиеше уште еден мандат во кој процесите и градењето на грчко-македонското пријателство ќе одеше уште побрзо и уште подлабоко. На повеќе начини, Алексис се жртвуваше себеси за општото добро и на својата и на нашата земја. И во преговорите, се согласи на нешта за кои не можеше да се замислат дека грчката страна било кога би ги прифатила.

И нашата македонска страна покажа историско разбирање и далекувидост. На тој 17 јуни 2018 година, ФИРОМ стана Република Северна Македонија, држава со печат и имотен лист во заедницата на светските нации, привилегија што ја немаат бројни народи и етнички заедници низ планетава, па и во Европа. Беше тоа свечен момент кој немаше само симболично значење, туку на Северна Македонија ширум ѝ ги отвори портите кон стабилна, евроатлантска иднина.

На 17 јуни 2018, разумот, љубовта кон сопствената држава и патриотизмот, светскиот дух ги победија балканскиот инает, неспособноста, нерешителноста и кукавичлукот.

Целата колумна на Џабир Дерала за Цивил Медиа на следниот ЛИНК.