Надворешниот акциски сервис на Европска Унија подготви извештај, за кој прв извести Ројтерс, установи дека руската пропаганда ја злоупотребува пандемијата за да сее паника и страв во земјите на Западот. Ова одамна не е шега, а уште помалку претерана претпазливост или параноја. Не е извештај на некоја редакција, НВО фолиранти или мрч-твитерџии, туку на ЕУ! И малите деца знаат дека во тек е непрогласената Студената војна меѓу поранешниот Истокот и Западот.

Дезинформациите се важно оружје во арсеналот на рускиот диктатор против демократскиот Запад, во хибридната војна што тој со години ја води надвор од границите на заробената руска држава. Пандемијата на КОВИД-19 му даде одлична можност на Путин да ја разгори таа „војна“ во своја корист.

Државните администрации на земјите во ЕУ и самата ЕУ администрација се зафатени со спречување на заразата, лекување на заболените и броење на жртвите од пандемијата. За тоа време, руската агитпроп машинерија, преку руските државни и про-Путин медиуми во и надвор од Русија, секојдневно продуцираат лажни вести и дезинформации за корона вирусот.

Главна цел на рускиот напад е поткопувањето на довербата во здравствените системи. Тоа е директен удар против државните институции во државите членки на ЕУ. Со тоа се попречува ефективниот одговор на заразата. Луѓето кои потпаѓаат под влијание на оваа опасна пропаганда се некооперативни и неодговорни, а паниката и стравот се шират неспоредливо побрзо отколку заразата.

Поткопувањето на довербата во институциите не е единствена димензија на овој деструктивен атак. Во таа пропагандна војна, руските медиуми и агентури ги поттикнуваат омразата и тензиите меѓу различните заедници, шират распалувачки говор против ранливите категории, етничките заедници, припадниците на различни раси… Така, наместо солидарноста и кооперативноста со системот, руската пропаганда успева да внесе страв и отуѓеност, безнадежност и паника.

ЕУ сервисот за борба против дезинформациите открива дури 80 случаи на дезинформации во кои се гледа директната врска со медиумите под диктат на Кремљ. Понатаму, Извештајот открива како проруските медиуми работат на тоа да ги засилат контрадикторните наративи кои го „киднапираат“ информативниот простор со цел да ја разнишаат европската способност да дејствува во заштита на интересите и здравјето на своите граѓанки и граѓани.

Звучи познато?

Замената на фактите со митови и теории на заговорот, информациите со лажни вести, кооперативноста со паника, солидарноста со меѓусебни обвинувања и омраза, се очигледни во дејствувањето на проруските подземни, партиски и агитпроп структури кај нас, во нашиот двор. Ако ништо друго, „некои“ можат да здивнат за момент и да се радуваат на одложувањето на изборите, во услови кога имаат свои луѓе на стратешки раководни места во владата и во системот. Но тоа е можност повеќе за водење на уште повалкана пропаганда што директно го загрозува јавното здравје, но и стабилноста на државата.

Медиумите и партиските ботови, распоредени на стратешки места низ системот и во јавниот простор, неуморно работат на тоа да ја поткопаат довербата на луѓето во институциите и да рашират што е можно повеќе дезинформации за пандемијата.

Препознатливи се континуираните напади врз системот што добро познатите политичари и партиски медиумски гласила ги пласираат во јавноста во секој час од денот и ноќта. За тоа, на располагање имаат милионски суми црни пари. Доволно е да потсетиме на мега скандалот со унгарските црни пари во македонските медиуми. Тоа е само еден случај што го открија словенечките истражувачки новинари. Вакви скандали допрва ќе откриваме.

Оската е позната, газдата е познат, а Будимпешта е само точка во црната трансферзала. За сега, кај нас изостанува институционалниот одговор. Но тоа не пречи самите да се заштитиме. Препознавањето на лажните вести и дезинформациите што ги диктира Кремљ во меѓународната јавност е подеднакво важна за јавното здравје колку и почитувањето на мерките за спречување на заразата.

Почитување на мерките, сапун и средство за дезинфекција за превенција од корона вирусот, а малку трезвеност за превенција од дезинформациите – тоа е рецептот.

Мора да се описмениме. Се води една, ни малку наивна, војна. Тоа не е само локален партиски грч за „правда“ (читај: жед за власт и за неказнивост за криминалите). Палетата на таа хибридна закана е широка, почнувајќи од чисто пропагандни говори под плаштот на „нема да зборуваме за политика, важен е народот“, завршувајќи од гротескната „загриженост за пролетните реновирања“. Тоа леење крокодилски солзи за народот, колку и да се локални амбициите, јасно се гледа дека е помогнато од глобалното политичко, криминално и медиумско подземје што го води Путин.

Извор: Цивил Медиа