Кога е снеубавена и неизвесна иднината, носталгијата по минатото е лош избор на еден старомоден и конзервативен подостарен весникар да пишува за портал кој се чита на телефон и на компјутерски екран. Задоволството од шушкањето на новинската хартија кога се вртат страниците на весникот со првото утринско кафе е неспоредливо со алармот од звучниот сигнал на мобилниот дека стасала нова вест.

Таа зависност кон оловните испарувања е трајна, без оглед колку и да е свесен авторот дека времето го прегазува, колку и да е несоборлив и корисен фактот дека го носи светот во џебот складиран во 200 грама телефонче, колку и да ги прифаќа новите технологии. Вистина е, весникот, стариот добар пријател, станува бајат и здодевен уште пред да излезе од печатницата. Интернетот и социјалните мрежи за неколку минути веќе го обрале кајмакот. Ама крастата уште чеша, уверувајќи дека мудрата желка ќе го победи брзоплетиот исплашен зајак во нерамноправната трка.

На трети мај читам иста вест 46 години

Утринава, на трети мај, како и секоја година на овој ден, пристигна истата вест: денес е светскиот ден на слободата на медиумите. Од Обединетите нации редовно повторуваат дека многу важна работа била слободното и независно новинарство, најзначаен предуслов за развој на демократијата. Ја читам оваа иста вест 46 години, секогаш проследена со податоци колку новинари загинале известувајќи од воени жаришта, колку се убиени под разни сомнителни околности, колку се уапасени, тепани, малтретирани… со задолжителна ранг- листа до каде стасала слободата, или медиумскиот мрак во разни земји.

Целата колумна на Ерол Ризаов за Дојче веле на следниот ЛИНК.