Слоганот за изборнaта кампања на ДПМНЕ-то гласи: „Исправи се Македонијо. Одбери обнова.“ Наспроти слоганот, фактите зборуваат друго. Македонија никогаш не била вака исправена како што е сега. Таа до пред година и половна го носеше името „Поранешна Југословенска Република Македонија.
Времето како траење се состои од три компоненти: минато, сегашност и иднина. Зборот „поранешна“ означува битие од женски род кое постоело во минатото. Зборот – придавката „југословенска“ означува битие кое што му припаѓало на друг субјект, а не само на себе –независно битие. Името „Република Северна Македонија означува битие – држава со републиканско уредување која, како самостојна, постои во сегашноста. Секој момент по сегашноста, во неминовниот тек на времето, е иднина. Значи државата ќе постои и во иднина. Зборот „северна“ означува дека државата постои во северниот дел на географскиот простор (регион) Македонија. Светот има четири страни. Тоа значи дека, покрај тој дел на кој што постои државата, постојат уште три други дела: Јужна Македонија, Источна Македонија и Западна Македонија. Со влегувањето на Републикава во ЕУ, географскиот простор Македонија практично ќе се обедини како што бил обединет пред 1912 година кога бил во рамките на Османското Царство. Границите меѓу соседните држави кои го делат регионот ќе станат формални административни меѓи. Преку нив несметано ќе циркулираат капитал, стоки работна сила, луѓе и т.н.
Република Северна Македонија е членка на НАТО – најмоќната одбранбено-безбедносна организација во светот. Како негова членка, нашата убава татковина, малата Македонија е рамноправен партнер со најмоќните, најразвиените и најдемократските држави на светот во кои секој од нас би сакал да живее. Според зборовите на Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји деновиве ќе добие рамка за преговори со ЕУ. Тоа значи дека за пет до шест години таа ќе биде членка и на големото европско семејство на народите.
Членство во НАТО и отворена врата за членство во ЕУ беа неостварливи соништа за нас, граѓаните на Поранешната Југословенска Република Македонија.
Да заклучиме за првиот дел од слоганот на ДПМНЕ-то. Македонија е исправена така што не може повеќе да се исправа. Беше наведната како Поранешна Југословенска Република Македонија под власта на ДПМНЕ-то.
Одиме на вториот дел од слоганот „Одбери обнова.“ Демек ако ние граѓаните на претстојните парламентарни избори би го одбрале ДПМНЕ-то, би одбрале обнова. Обновата е човечко дејствие –акција. Го вршат луѓе. Може ли да врши обнова партија во чие раководство седат луѓе против кои се водат постапки за криминал на злоупотреба на власта, луѓе кои единаесет година ја ограбуваа државата и ограбувајќи ставија на своите конта во странските банки пет и кусур милијарди евра? Можат ли да ја обновуваат државата луѓе кои со сите сили и средства, со сите можни марифетлуци ги попречуваа кривичните постапки против нивните моќни сопартијци? Можат ли да ја обновуваат државата луѓе кои се радуваат на секој неуспех на актуелнава власт во текот на корона кризата, кои не го скриваат задоволството при информациите за големиот број заразени од Корона – 19, кои ги саботираат и обструираат мерките на власта за борба против опасната зараза? Такви луѓе не можат да ја обновуваат државата. Нивна единствена цел е, по секоја цена, пак да дојдат на власт и користејќи ја власта да се спасат од рацете на правдата и да продолжат со ограбувањето. Тие само можат да го обноват криминалот. Обновата на Македонија, по единаесет годишното ограбување, страв, несигурност и неизвесност, почна пред три години и таа ќе продолжи. Тоа го зборуваат фактите. Пред фактите и боговите молчат.

Темелко Ристовски