Старо правило е дека не се Бугарите проблем во Македонија, туку бугарашите. А таквите, освен заблудени поединци, се создаваат во Македонија по потреба или по нарачка. Прашањето е само кој е инспираторот или нарачателот на овие групи и во кој момент прераснуваат во здруженија или отвораат клубови со провокативни имиња. Нивната цел очигледно не е само да провоцираат, туку прераснуваат и во акции што имаат субверзивен карактер, што значи имаат за цел да предизвикаат и дестабилизирачки ефекти во државата.
Вистинското прашање е кој има корист од тоа и какви последици може да има за Македонија на евроинтегративниот пат што го почна. Последниот „немил“ настан во кој беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ Христијан Пендиков, инаку член на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и главна фаца на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ, како и тепачот Илија Спасески професор по фискултура од неодамна вработен од страна на градоначалникот Пецаковски, покажува дека Бугарин на Бугарин во Македонија му е вмровец.

Ако се докаже дека изворот на сите овие провокации и ширење омраза на македонска територија е токму ВМРО-ДПМНЕ и никој друг, тогаш тоа не само што треба јасно да се соопшти, туку со тоа ќе треба да се позанимава и Советот за безбедност за да се преземат активности за нивно понатамошно спречување.
Се разбира дека ниту една партија не може да ги контролира активностите на секој свој член, па ниту ВМРО-ДПМНЕ. Но тоа не го амнестира сегашното раководство на партијата од одговорност, затоа што можеби станува збор за „испостави“ на странски служби што директно ја инволвираат и ВМРО-ДПМНЕ во „замешателство“ на отворање-затворање клубови и здруженија, на насилство и тепачки, без оглед што се обидуваат за тоа да ја обвинат сегашната власт. Ваквите ексцеси кореспондираат, случајно или не, со сите други „легитимни“ активности на партијата против зачленувањето на Македонија во ЕУ, во подигнување на говорот на омраза што може дополнително да ги влоши и онака кревките односи на Бугарија и Македонија.

Секоја наредна слична активност го засилува сомнежот дека можеби зад целата оваа негативна кампања свесно стои ВМРО-ДПМНЕ, со или без влијание од надвор.
Затоа АНБ треба да истражи дали овие инциденти се исценирани однатре или од некаде од надвор. И во едниот и во другиот случај вистината мора да поттикне акција за обелоденување на мастермајндот на активностите што Македонија ја ставаат во незавидна меѓународна позиција, а македонскиот народ го трујат однатре како црвот јаболкото.

Еднаш претседателот Пендаровски рече дека нема доволно сознанија за да потврди дали зад спречувањето на Македонија на европскиот пат стојат и странски сили кои дејствуваат преку домашни извршители. Се чини дека таква можност генерално не е исклучена. Ако се земе предвид дека земјава е под силни хибридни закани за поставени бомби во училишта и во витални објекти, дека парламентот е блокиран од опозицијата, дека постојано се шират дезинформации и недоверба во институциите, постојано се повикува на предвремени избори без особена причина, тогаш и лаик може да заклучи дека станува збор за „усогласен пакет активности“ насочени против државата. Тогаш не само отворањето, туку и нападите на „наводно“ бугарските клубови очигледно се само дел од агендата за дестабилизирање на македонското општество.

Љубиша Николовски за Слободен печат