На сите им е јасно зошто состанокот се одржа во Охрид, а само ВМРО-ДПМНЕ се прават како да се од Струга или „распеани ресенчани“

Во прес центарот на хотел Инекс-Олгица во Охрид некаде доцна попладне во саботата на 18 март се прошири информацијата дека ЕУ тимот Борел и Лајчак го одложиле летот за Брисел и нивните активности наредниот ден, а неколкукратното одлагање на брифингот со Ескобар на кој беа поканети една група новинари на кој требаше американскиот претставник за Западен Балкан да ги коментари резултатите од дијалогот Вучиќ-Курти, само потврди дека и Европјаните и Американците се решени да не си заминат од брегот на Охридското Езеро додека не биде постигната согласност околу Анексот за спроведување на договорот од Брисел од 27 февруари.

Затоа во изјавата на Борел на крајот од разговорите кога го соопшти резултатот од трипартитниот дијалог, реченицата „Им благодариме на домаќините Република Северна Македонија за гостопримството, имавме прекрасен поглед од прозорецот на вилата кон езерото и зајдисонцето“ доби целосна смисла. Очигледно, таа можност и тој детал од разговорите на европските посредници им бил од огромна психолошка поддршка за време на бројните влези-излези на Вучиќ и Курти додека ги правеле консултации со своите тимови и со којзнае уште кој за време на исцрпувачкиот 12 часовен преговарачки маратон.

И кога стрелките на часовникот се закануваа да го донесат наредниот ден настана раздвижување во конференциската сала и низ ходниците на хотелот и ново динамика меѓу новинарите кои се расонија и побрзаа да се позиционираат за снимање и следење на изјавата на високиот претставник за надворешна политика и заменик претседател на Европската Комисија Жозеп Борел.

Најавениот и неколку пати одлаганиот брифинг на Ескобар конечно беше откажан со што јасни ни беше ставено до знаење дека тоа што ќе го каже Борел е доволно и дека нема што да се толкува или моделира. Барем во тој момент.

Што договорија и за што постигнаа согласност Вучиќ и Курти, под покровителство (колку убав збор наместо „притисок“) на ЕУ и со асистенција на САД веќе беше нашироко информирано уште истата ноќ и наредниот ден.

Она на што во оваа анализа обрнуваме внимание е фактот дека лидерите на ЕУ и САД секоја изјава за нормализирањето на односите меѓу Србија и Косово, и претходно и после Охрид, ја ставаат во контекст и на регионот Западен Балкан и на евро-атлантските интеграции на земјите од овој дел на Европа.

……….

Имајќи го сето ова предвид, сега кога договорот меѓу Белград и Приштина во Охрид е оценет и како „договор за сигурноста и просперитетот на целиот Западен Балкан“, и кога меѓународната заедница темелно ја реформира Босна и Херцеговина за да биде функционална демократија со  институционален систем кој „работи“, може да се случи Северна Македонија повторно да биде земјата што го блокира регионот.

Ако бргу на се спроведат уставните измени и со тоа да се решат две прашања – сопствената евроинтеграција и нормализирањето на односите со Бугарија, може да се случи да се остварат сите предупредувањата на премиерот Ковачевски, на вицепремиерот за европски прашања Маричиќ и на министерот за надворешни работи Бујар Османи, дека Северна Македонија самата на себе ќе си стави „вето“ ако не ги спроведе уставните измени во Собранието.

Целата колумна на Зоран Бојаровски за порталот Рацин на следниов ЛИНК.