Нож во грбот друже, веројатно сте го слушнале многупати, му го кажав ова пред некој ден на еден мој пријател во врска со политичката ситуација кај нас предизвикана од она вето од бугарска страна, патем ме праша зошто ме нема одамна да напишам нешто, ме читал редовно? Па имав добри причини секако!

Како прво завршивме еден циклус со изборите и формирањето на новата македонска влада, потоа за жал и покрај мојата претпазливост ме стигна овој корона вирус па морав и со него да се справувам, за среќа добро поминав, но сепак тоа не е ниту малку зафрканција како што мислат некои луѓе и треба сериозно да гледаме на оваа работа и да се пазиме, потоа ми застанаа на патот некои “човечиња“ кои сакаат да се закачаат со мене, некои мали и ситни исфрустрирани типчиња, маргинални ликови на политичката сцена кои сега мислат дека господ го фатиле за м. . а, па решиле нешто да се “пресметуваат“ со мене, им сметало моето пишување, моите политички но и стручни ставови, па ќе ми воведувале “цензура“, абе гитла таму. За нив и таквите како нив кои се шути ама бодат едно ќе им кажам, “сте нашле црква да се крстите“. Не ми е воопшто намерата во овој текст да се занимавам со овие ликови, тоа ќе го направам друг пат, овде сакам за нешто сосема друго да пишувам.

Република Бугарија пред некој ден ни ја стави првата пречка кон утврдувањето на рамката за преговори со ЕУ кои требаше да стартуваат некаде во декември. Ова е голема историска грешка што ја направија кон својот  “помал брат“.  Не верувам дека ова силно ќе се одрази во негативна насока кон нашите пријателски односи со бугарскиот народ, но сепак во овие први моменти разбирливо е што нашите фрустрации ќе ги насочиме таму кон актуелното бугарско раководство поради тоа што го направија. Ако ме прашате, искрено ќе Ви кажам дека чувствувам како нож во грбот да ни забија затоа што доаѓа од наша пријателска земја и сосед. Особено што уште минатата година се обидовме со некои текстови кои ги објавивме а кои одеа во насока на поддршка на претседателот Пендаровски и професорот Малески, да ги омекнеме некако историските разлики меѓу двете страни околу нашите револуционери и нивната национална определба, ама ете и тоа не даде некој резултат. Затоа и некако лично ми паѓа ова тешко. Нашите европски пријатели навистина не го разбираат овој спор со Бугарија и многу работи не им се јасни што всушност официјална Софија сака и бара од нас, но тоа не значи дека не треба силно и посветено и наредните денови со ладни глави да работиме кон надминување на овој проблем.

Но што можеше реално да направи македонската влада за да се избегне ова “вето“?

Овој пат навистина ништо. Се што требаше се направи. Договорот што се потпиша во 2017 година требаше да се потпише, тој пружа одлична основа за зајакнување на довербата и пријателството меѓу двете земји. Го крена нашиот меѓународен рејтинг кој тогаш беше урнисан и сега гледате дека сите, ама буквално сите земји членки застанаа на наша страна, ех, ама тој пуст консензус, но тоа се правилата на игра и нема бегање. Но знаете како, кога потпишувате договор во духот на добра верба не можете да ги предвидите сите работи и несогласувања што ќе се појават околу неговата интерпретација и имплементација, верувате во добра волја за негово спроведување а особено кога некој сака да го толкува договорот на таков начин што неговите интерпретации и барања го надминуваат опсегот и смислата за која и постои самиот договор, а тоа се: пријателство, меѓусебно разбирање и уважување, соработка, взаемна поддршка итн.

Сите три барања како услов за започнување на преговорите кои ги постави официјална Софија верувам не им се јасни ниту на нашите граѓани ниту на бугарската страна. За првиот услов околу прашањето на јазикот точно е дека на билатерална основа во (договорот) сме утврдиле да стои за нашиот јазик дека тоа е ,,јазикот согласно Уставот на Република Северна Македонија“. Настојувањето оваа одредба да се вметне и во заклучоците за почеток на преговорите како услов е тотално неприфатлива затоа што од една билатерална обврска ќе се трансформира во мултилатерална обврска на ниво на ЕУ како меѓународна организација. Тоа не може да се прифати. Внимавајте македонскиот јазик, а не јазикот согласно уставот на РСМ е бетониран и во Договорот од Преспа, во ЕУ, во НАТО, во ООН и ова прашање станува беспредметно и неприфатливо. За вториот услов каде што се бара некој патоказ, времена рамка за имплементацијата на договорот навистина не гледам пречка дека може да се договориме, тоа е и во наш интерес. Околу третиот услов кој ги тангира правата на македонското малцинство во Република Бугарија за што тие и воопшто спорат дека постои македонско малцинство сме се договориле елегантно, дека ниту се мешаме ниту се откажуваме од нашето малцинство, туку овие прашања ќе се решаваат согласно меѓународните конвенции за малцински права кои се ратификувани и во двете земји, значи согласно меѓународно-правните правила. Погледнато од овој мултилатерален аспект, Република Бугарија се чувствува веројатно несигурно имајќи ги во предвид одлуките на Советот на Европа и ЕСЧП, како и нивниот став дека признаваат само индивидуално право на поединци да се чувствуваат како македонци, а не признаваат барања за колективни права на некоја малцинска заедница кои се чувствуваат како македонци, што се коси со некои веќе утврдени правни правила од областа на Меѓународното право за правата на човекот и тука се чувствуваат несигурни и бараат од нас експлицитно да се согласиме дека се откажуваме од било какво македонско малцинство, барање за кое ние се залагаме да го решаваме согласно меѓународното право. Ако ги “расчепкате“ овие три услови ќе видите дека два од нив  тешко ќе ги исполните дури и да сакате, овие барања се спротивни на меѓународното право,  за другиот услов што останува околу некој патоказ за исполнување на договорот можеме за пет минути да се договориме. За историските прашања кои сега веќе не ги спомнуваат во овие три услови треба да продолжат да работат историчарите на двете комисиии и да најдат заеднички усогласувања за некои историски настани. Сега она што го нафрлаат за Тито и слични работи навистина ќе се согласам дека се глупости. Каков и да бил Јосип Броз Тито, тој за македонците има значајна улога и за тоа повторно нека расправаат историчарите.

Кои се барањата на македонската опозиција?

Како се постави во оваа ситуација македонската опозиција и дали на некого воопшто му е јасно кои се нивните барањата и ставови во врска со ова прашање, не верувам дека на многумина им е јасно. Врескаат нешто деновиве и бараат “влада на национален спас“ или “експертска влада“. Некако како да се  изживуваат и ликуваат во цела оваа ситуација околу пандемијата и големиот број на болни и починати граѓани. Ова се вика пример за политички лешинари.

Но кој бара и кој сака експертска влада?

Еден полуизбркан лидер од својата партија со многу ниско ниво на доверба од неговите најблиски луѓе рипнал па бара експертска влада, пази да не. Во една ваква ситуација на светска пандемија, кога државата и нејзините здравствени  институции се борат секојдневно за секој човек, ние ќе тераме политика и ќе го спасуваме Христијан да не го бркаат од партија, па ќе му правиме експертска влада, тешко таа работа.  Па мислам дека и тие самите не знаат што бараат и што сакаат. Еден куп бугараши таму ни држат со месеци лекции како требало да удриме силно по бугарите, све патриоти, мој до мојега. Целта им беше заострување и комплицирање на односите со Бугарија по цена никако да не почнеме преговори, што полошо за Македонија толку подобро за нив, абе “врхунска“ стратегија ама таа политика не проаѓа, џабе им е. Исто како за оваа  ковид пандемија, многу им е гајле нив за ковид, не знаат како да се постават а да профитираат политички.

Ја поставија својата критика кон владата по принципот “угоре високо удолу длабоко“, демек што и да се случи ќе се бара одговорност и ќе се плука. Ако се договоревме (договориме) со Бугарија се закануваа дека ќе излезат на протести и ќе викааа дека тоа било предавство на македонските национални интереси, бараа да нема ниту милиметар отстапки, закажуваа непотребни Комисии во Собранието само со цел уште повеќе да ја искомпликуваат работата и да не скараат повеќе со Бугарија, целиот фокус им беше кон тоа како да пропадне започнувањето на преговорите, па сега кога не се договоривме излегоа и бараат оставки затоа што не сме почнале преговори а сме ветувале, пази молим те, стварно добра стратегија, ама ништо не направија, во една ваква ситуација само порасна рејтингот на премиерот, друго ништо не добија.

Но и покрај се, како и да е нема простор за разочарување и пасивизирање. Треба да ги продолжиме разговорите со Бугарија до надминување на овој спор. Македонија е сега земја членка на НАТО, има веќе голем меѓународен рејтинг и поддршка од најсилните и најмоќните европски држави, тоа е ситуација која убеден сум ќе ја искористиме во наша полза. Премиерот не треба и верувам дека во никој случај нема да си поднесе оставка, овие барања се неосновани и нема да има влада ниту експертска ниту било каква друга освен оваа политичка влада која пред само некој месец ја доби довербата од граѓаните, сето друго се дневнополитички заебанции, ако сакаат избори еве им наредниот месец можност во Штип, а не да бегаат, ами како.

П.С. Имаше неделава уште две интересни работи да ги спомнам онака пред да завршам. Опозицијата пред некој ден излезе на некој прес со сериозни обвинувања за претседателот Пендаровски за купени и наместени избори, по укажувањата на поранешниот поглавар на ИВЗ, Сулејман, всушност дека тој му ја обезбедил победата на изборите и сега требало Пендаровски да одговара, ами како. Се е тоа добро ама истиот тој поранешен поглавар на ИВЗ кажа пред некој месец и дека короната умрела ама гледате дека се уште не умрела, е сега на кого да му веруваме. Дечкиве од опозиција стварно немаат више добри идеи, дај нека одморат малку. Исто така ми беше симпатично и она интервју пред некој ден со стариот и добар Стојан Андов. Како ги испраши човече со своето стапче оние двајца пропагандисти, ама не знаеја на кај да си одат, вреди да се погледне тоа интервју, Столе е стара школа, нема зафрканции

Се гледаме, се слушаме и бидете претпазливи, чувајте се, короната демне насекаде.

М-р Глигор Стоименов