Нормално дека никој нормален лидер нема да сака да се види под ненормални услови со г. Мицкоски. Светот се наоѓа во најголемата општествена криза по Втората светска војна, крајот уште не ѝ се гледа, политиката во иднина ќе се дели на ПРЕД и ПО ковид-пандемијата. Во такви околности, г. Мицкоски се однесува како сопственик на мала фирма за погребални услуги кој, со ужалена фаца застанат на паркингот пред Инфективна клиника, кога никој не го гледа, трие раце заради можноста за добар бизнис со пластичните венци… Или како раздраган подалечен роднина кој нестрпливо се надева дека ќе има нешто и за него во тестаментот ако наскоро почине вујкото од тетка… Како вмровските пратеници во Собранието кои се толку загрижени за состојбите со епидемијата во земјава, што никако не сакаат да работат онлајн, не би ли го упокоиле „вујкото од тетка“ што побрзо, па да поминат на бизнисот со пластичните венци и со отворањето на тестаментот…

А дури и да се одржи, таквата лидерска средба ќе биде неуспешна и само ќе ја вознемири јавноста уште повеќе и ќе се сведе на драмолетката со изјавите за медиумите по настанот, кога Мицкоски, со познатата поза на по малку еготистичен и циничен експерт за сите прашања, ќе повтори половина од регистерот на горните квалификации за Заев и ќе заклучи дека, не дојде ли тој на власт, со Македонија е готово, амен!

Затоа, можеби е попаметно, за да не се арчи многу политички мастраф и кисела вода, наместо лидерска средба, да му се овозможи на г. Мицкоски да одржи прес-конференција од дворчето на претседателската вила на Водно? Ќе изгледа сериозно, претседателски, ќе може да се лајка и да се шерува од тука до Индија и, општо земено, ќе му заврши работа за тој ден.

Штета е што сегашната македонска опозиција не може да се консолидира на начин што би ѝ го подигнал авторитетот во јавноста за да биде кредибилен критичар, но и соработник со власта во овие тешки времиња, кога навистина е потребна позитивна мобилизација на јавноста. Во големи кризи, отсекогаш било полесно да си во опозиција наместо на власт, ама не мора тоа баш секојдневно, наметливо да ни се демонстрира со ситничавото однесување на нашиот „подалечен роднина на вујкото од тетка“.

Целата колумна на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа на следниов ЛИНК.