На избирачките ливчиња ја имаме класичната центро-лева и центро-десна поделба: СДСМ, потписниците на Договорот; и ВМРО-ДПМНЕ, партијата која направи многу до потпишувањето на Договорот да не дојде. Но, тоа е само почеток на дилемите на изборот меѓу „белото“ и „црното“ за кои ќе можат да се определат избирачите, бидејќи ако поддршката на Договорот е релативно едноставна операција со гласање за мултиетничката коалиција предводена од СДСМ и БЕСА, кај десничарските националистички „нијанси на црното“ темните варијанти доаѓаат во половина дузина матирани, лакирани, исполирани, а некои и како измачкани со молерска четка партиски конструкти, во споредба со кои ВМРО-ДПМНЕ делува како пристојна малограѓанска националистичка формација.

На пример, кога е односот кон Преспанскиот договор во прашање, која е разликата помеѓу траорната конзервативна демо-христијанска „Интегра“ на Љупчо Ристовски, наспроти интелектуалното позерство на „Гласот за Македонија“ на Солза Грчева или мешавината на полициско-уличарските и старо-вмровските националистички дејци од „Единствена Македонија“ на Јанко Бачев и Јове Кекеновски? Кога на тоа ќе ги додадете крипто-националистите од „Левица“ во експлицитен кадровски и идеолошки сојуз со ВМРО-ДПМНЕ, како да го направите вистинскиот избор за анти-преспанско гласање?

Сите тие се наоѓаат како поединечни опции на гласачкото ливче. Кој од нив, на скала од 1 до 10, е најрадикално против Преспанскиот договор?

Всушност, вистинското прашање е зошто ова колекција на националистички (а и шовинистички) тенори, баритони и мецосопран(к)и не успеале да се здружат и да направат една изборна коалиција – макар и губитничка – против Договорот од Преспа? Зошто сите тие не му веруваат на ВМРО-ДПМНЕ кога, како „најстар брат“ на македонскиот национализам, вели дека ќе работи на поништување на Договорот?

Целата клумна на Сашо Орданоски за Цивил Медиа на следниот ЛИНК.