ЦИВИЛ Медиа Која е вашата оценка за политичките состојби?

Мицевски: Владејачката коалиција, којашто доби мнозинство на овие избори, и доби несебична поддршка не само од мнозинството граѓани и од државата, туку и од меѓународниот фактор, е добар показател и сигнал по кој правец треба да се движиме. Членството во НАТО, само една од потврдите на вистинскиот и правилниот курс на она што го правиме како држава. Од друга страна, она што е отпочнување на претпристапните преговори со Европската Унија, е можеби само најмалиот чекор, предизвиците допрва  претстојат, затоа што таму немаме можност едноставно да бегаме од обврските, туку мораме да го правиме она што е прилагодување и почитување на законската регулатива, и истата да ја спроведеме и да ја  демонстрираме на дело. Така што, немаме простор за импровизација, немаме простор за калкулација, туку ни претстои еден долг и можеби и макотрпен процес на одење по тој пат затоа што така ќе се коригираме. И како држава, и како систем, и како поединци.

ЦИВИЛ Медиа: До локалните избори има уште една година. Кои се вашите прогнози?

Мицевски: Не сакам да звучам како да правам промоција на сето она што во моментов го правиме како општина, или како регион, но, што се однесува до моето непосредно опкружување,  инвестициите што ги имаме во регионалната инфраструктура како град на централната точка на Коридорот 8, она што можеби го имате забележано при вашето доаѓање, изградбата на експресниот пат, обезбедувањето на средства, коишто се веќе потврдени на последната средба со еврокомесарот за  железничката пруга, рехабилитација на патниот правец од Куманово до Крива Паланка, изградбата на трета лента кон граничниот премин „Деве Баир“, којшто е во полн ек, изградба на регионалниот патен правец којшто е од Тораница кон Саса… Она што е локална инфраструктура во којашто во услови на пандемија оваа година инвестиравме огромен број на километри во патна мрежа.  Довод на канализациска мрежа, сето она што го правиме како инфраструктура тука, спортски терени, само оваа година имаме шест седум терени коишто се во фаза на изградба или се завршени. Реконструкција на градскиот парк и плоштад, уредување на речното корито, инвестирање во други сегменти, во институциите, како што се образование, затоа што имаме инвестиции по триесет- четириесет години  во некои сегменти, и тоа е навистина нешто што не и се случило на Крива Паланка во изминатите политички циклуси, или гарнитури. Секако, заслугата не е само на општината, моја како градоначалник, има тука придонес од централната власт, Владата на Република Северна Македонија, затоа што имаше слух за потребите на граѓаните во овој регион. Но, и ние како одговорна локална самоуправа којашто и во услови на пандемија од КОВИД – 19, навистина, оваа година имавме највисок буџет досега, и тие буџетски средства ги користиме максимално продуктивно, и онаму каде што се најнеопходни. Граѓаните тоа го гледаат, и сметам дека таа поддршка не би требало да изостане и на следните избори, затоа што ние покажавме дека за три години можеме да направиме драстични промени. И не само во сферата на инфраструктурата туку и во сферата на социјалната заштита, каде што се инвестирани над петнаесет милиони денари, во сферата на образованието, каде се инвестираат можеби повеќе од петнаесет милиони денари. Проектите во најава, коишто се обезбедуваат преку нашите пријателски релации,  со дипломатските претставништва, како што е Јапонската амбасада пред неколку дена, Норвешката амбасада, Европската Комисија, програмите од ИПА за прекугранична соработка, и по друга основа… Покажуваме дека има други средства, но треба правилен начин и пристап со добро подготвени проекти и техничка документација да се аплицира за нив, и истите да бидат искористени. Сето она што го правиме, го правиме за доброто на граѓаните, и јас се надевам дека таа чесна, напорна и посветена работа ќе биде препознаена и оценета. Разликата од порано и сега е тоа што институцијата е отворен буквално за сите, сите можат да дојдат и да постават прашање и да добијат одговор во однос на се што ги мачи, можеби понекогаш и не во контекст на она што е опис и попис на секојдневното работење, но сепак сакаме да покажеме една приземјеност, и опуштеност во широките граѓански маси затоа што вистинските предлози доаѓаат од нив и таму треба да се даде и повратна информација или резултат. А несомнено, ова што го зборувам, го потврдува и истражувањето на Центарот за граѓански комуникации којшто во анализата што ја направи оваа година, во индексот на транспарентност, за сите општини и институциите коишто беа опфатени како министерства, Влада и слично, Општина Крива Паланка се наоѓа на високото трето место помеѓу сите општини, а е четврта во ранг на сите министерства и локални самоуправи. Така што за нас ова е едно солидно признание и јас се надевам дека со целосната транспарентност, отвореноста, директниот пренос на седниците, директната вклученост на јавноста во креирањето на одлуките, прифаќањето на сите информации коишто ги добиваме, и инкорпорирање на тековните годишни програми, во согласност со буџетите што ни се на располагање, се надевам дека ќе даде резултат, некои  тоа го препознаваат, некои можеби се уште гледаат скептично на тоа дека можеби политичките игри во позадина ќе донесат резултат и ќе ги вратат на власт… За жал, моите прогнози се дека еве, и на следните избори, таа поддршка од граѓаните ќе продолжи, во насока на тоа да градиме општество и систем во државата којшто ќе биде и економски поволен за сите нас, но и признаен од нашите европски пријатели, од соседите, и тие релации ќе се развиваат во позитивна насока.

Целото интервју на градоначалникот на Крива Паланка Борјанчо Мицевски за ЦИВИЛ МЕДИА на следниов ЛИНК.