Македонија може да здивне за својата европска иднина. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја кажа вистината за неговата партија соопштувајќи ја гаранцијата за добрососедство со Бугарија што ќе го отвори патот за непречени преговори со ЕУ и брзо членство во европското семејство. Доволни беа две реченици на наводниот иден премиер и да се решат сите пречки во односите меѓу двете држави: „Ванчо Михајлов е дел од историјата на ВМРО ДПМНЕ. Тоа не значи дека ние сме се сложиле со тие политики, но тоа е еден континуитет којшто ВМРО-ДПМНЕ го има преземено и тој континуитет треба да се почитува“.

И што има тука што не е точно. Од збор до збор сѐ си е на своето место, кажано јасно и гласно, освен дилемата дека тоа не значи дека се сложиле со тие политики. Но, треба да се почитува. Ами како. Изненадени, загрижени, разочарани и лути се само тие што ова не го знаеја и не веруваа. Ние што ова го знаеме одамна за континуитетот на Ванчо Михајлов и на ВМРО-ДПМНЕ можеме да му честитаме за нападот на искреност и големата храброст што Мицкоски ги кажа своите и партиски планови и погледи како што рече со почит кон минатото „да се задржиме на денешницата и да гледаме кон иднината на Македонија“. Изненадени сме малку само од фактот колку многу луѓе му верувале на Мицкоски за патриотизмот на ВМРО-ДПМНЕ и за опасноста од „бугаризација и асимилација“ на македонскиот народ во сопствената држава.

Останува само уште еден чекор кон историската цел што побрзо да се одржат предвремени парламентарни избори за веднаш по големата победа на ВМРО-ДПМНЕ да дојде до целосна реализација на тој почитуван континуитет и наследство кој револуционерната партија никогаш не само што не го проблематизирала, туку го ставила во темелите на своето оснивање и делување.

Целата колумна на Ерол Ризаов за Независен на следниот ЛИНК.