Нашата балканска политика е очигледна катастрофа. За три дена, Каракачанов го постигна она за што на Тито му требаа триесет години – нашите соседи нè замразија поискрено од кога било, а европскиот притисок расте, така што на крајот Скопје ќе влезе во ЕУ против наша волја, а ние пак ќе останеме навредени и осамени.

Но, наспроти оваа тажна позадина се појави надеж – Бугарската национална телевизија предложи размена на програми со јавната телевизија на Северна Македонија. Не знам дали станува збор за самоиницијативност на генералниот директор г-дин Кошлуков, не знам ни дали национал-популистите наскоро нема да му ги покажат забите, но иницијативата заслужува да биде поздравена.

Тие да гледаат „Прикриено“, а ние да гледаме „Преспав“

Патот по кој тргнавме со оваа несреќна историска комисија е очигледно погрешен. Нашиот проблем со Македонците не се историските факти, туку идентитетите изградени во текот на 20 век. Моја почит кон научниците кои изнесуваат архивски документи и сведоштва, но овие работи се важни за нивната наука, не за сегашноста.

„Кражба на историјата“ е смешен израз: историјата се случила и сегашната политичка волја на еден или на друг владетел не може да ја смени, како што впрочем мислеа за време на комунизмот, и тука и таму, кога Централниот комитет одлучуваше за историските факти. Оној што не ја знае историја не е крадец, туку неук. А идентификацијата е нешто сосема друго – си избираме обрасци од историски, литературни, религиозни ликови – не ни ги наметнуваат експерти.

Затоа, имено, ми се чини дека живата современа култура е патот кон зближување со нашите соседи – зближување на идентитетите, а не на фактите, предложени од некакви експерти. Имено, тука телевизијата може да игра водечка улога. Главниот жанр денес станаа сериите, а резултатот е дека гледачот со денови живее буквално во кожата на некои ликови, пренесен во нивниот свет. Сакале или не, сериите вршат важна интеркултурна работа, нурнувајќи не’ во друг свет, подлабоко од филмовите претходно. Земете ја нашата „Прикриено“ – македонскиот гледач е пренесен во посткомунистичка гангстерска реалност, ем позната ем бугарска. И обратно, македонската ТВ-серија „Преспав“, која се потсмева на балканските шашми во едно семејство, ќе ни биде смешна токму затоа што се случуваат работи што се болно познати, иако во малку поинаква средина. Белгискиот балканист, проф. Рејмонд Детрез исто така вели: ваквите продукции ќе ни овозможат да ја надминеме фиксацијата на минатото, да ја видиме сегашноста на соседите, кои националните идеологии нè научија да ги потценуваме.

Целата колумна на Ивајло Дичев за Дојче веле на следниот ЛИНК.